Група ЛГБТ-активисти синоќа прошетаа низ центарот на Белград и ја одржаа „Парадата на гордоста“ и покрај проценката на државните органи дека не постојат безбедносни услови таа да се одржи. Поворката низ центарот на Белград тргна од Владата на Србија и се движеше до Народното собрание, а собирот помина без инциденти.
Група од стотина активисти околу 23.00 часот се собраа пред зградата на владата, откаде следени од новинарите, тргнаа на прошетката која официјално беше забранета од српските власти, носејќи знамиња во бојата на виножитото и транспаренти: „Ова е прајд, ова е Србија“, „Победа“, „Да живее љубовта“.
„Нема да се тргнеме, затоа што ние не сме тие што треба да бидат тргнати од улиците, ниту треба да бидеме изолирани. Ова е првиот чекор, за по неколку години да имаме славје, а не да се криеме“, изјави членката на организацискиот одбор на Парадата, Маја Миќиќ.
Дел од српските медиуми јавуваат дека во поворката, покрај српските активисти, имало и повеќе Македонци и Британци.
Српското биро за координација на безбедносните служби вчера, по три часа расправа донесе одлука „Прајдот“ да не се одржи, поради преголеми безбедносни ризици. Премиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ ја образложи оваа одлука со тоа дека безбедносните проценки покажале дека може да дојде до сериозно нарушување на јавниот ред и мир, а дека од правата и слободите, поважна е единствено безбедноста и сигурноста на граѓаните.
Според Дачиќ, ова не ја доведува во прашање политичката определба на земјата да се политуваат правата на сите граѓани, како и дека овој потег не е капитулација пред хулиганите.
Во пресрет на „Парадата на гордоста“ која требаше да се одржи денеска, десничарските здруженија пријавија седум паралелни собири во центарот на Белград, а властите, пред да го забранат, најавија дека собирот ќе го обезбедуваат 6.500 полицајци.