Украинските лидери на голема меѓународна конференција изјавија дека на нивната уништена земја ѝ се потребни 750 милијарди долари за план за реконструкција во три фази по целосната инвазија на Русија и уништувањето на нејзините градови и инфраструктурата, јавува Радио Слободна Европа.
Премиерот на Украина Денис Шмигал вчера на почетокот на дводневната Меѓународна конференција за обнова на Украина во Лугано, Швајцарија изјави дека Киев верува дека значителен извор на финансирање за обновата треба да дојде преку имотот конфискуван од руски олигарси, кои тој ги процени од 300 до 500 милијарди долари.
„Ние веруваме дека клучниот извор за обнова треба да бидат конфискуваните средства на Русија и руските олигарси. Руските власти ја започнаа оваа крвава војна. Тие го предизвикаа ова огромно уништување и треба да одговараат за тоа“, рече Шмигал на конференцијата.
Претседателот Володимир Зеленски, говорејќи преку видео врска од Киев рече дека обновата на неговата земја е „заедничка задача на целиот демократски свет“ и ќе биде услуга за сите народи.
„Реконструкцијата на Украина е најголемиот придонес за поддршката на глобалниот мир“, рече Зеленски.
На самитот се очекува да присуствуваат околу 1.000 луѓе, меѓу кои и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерите на Чешка, Литванија и Полска.
Конференцијата, со учесници од националните влади, приватниот сектор и меѓународните организации беше планирана пред руската инвазија на Украина на 24 февруари, со првичната агенда да се фокусира на напредокот на Киев на патот кон владините реформи.