Новооткриената озонска дупка е седум пати поголема од дупката над Јужниот пол и може да влијае врз половина од глобалната популација, пренесува „Индипендент“.
„Огромна“ озонска дупка која не се очекувало да постои е регистрирана во Земјината атмосфера преку целиот тропски регион.
Дупката е седум пати поголема од онаа на Јужниот пол која се отвора секоја пролет.
Професорот Кинг Бин Лу, научник од Универзитетот „Ватерлу“ во Онтарио, Канада, вели дека според неговото истражување, дупката постои над 30 години и прекрива масивен реон, па може да влијае врз половина од глобалната популација.
„За разлика од озонската дупка на Јужниот пол која се отвора секоја пролет, тропската озонска дупка е отворена преку целата година, уште од 1980 година, а нејзината големина е седум пати поголема. Ова може да предизвика глобална загриженост и раст на УВ радијацијата како и зголемен ризик од рак на кожата и катаракта, но и други негативни влијанија врз здравјето и екосистемите во тропските региони“, изјавил професорот.
Според Бин Лу, прелиминарните извештаи покажуваат дека нивоата на осиромашување на озонската обвивка над екваторијалните региони веќе ги загрозуваат големите популации во нив, а поврзаното УВ зрачење што допира до регионите е многу поголемо од очекуваното.
Професорот истакнал дека е многу неверојатно што тропската озонска дупка не била откриена претходно, додавајќи дека постојат внатрешни предизвици во правењето на ова откритие.
„Прво, не се очекуваше да постои тропска озонска дупка од главната фотохемиска теорија. Второ, за разлика од озонските дупки на Антарктикот/Арктикот кои се сезонски и главно се појавуваат на пролет, тропската озонска дупка е суштински непроменета во текот на сезоните и затоа е невидлива во оригиналните набљудувани податоци“, нагласил тој.
Како и со озонската дупка на Антарктикот, се покажа дека нормалната вредност на озонот е осиромашена за приближно 80 отсто во центарот на тропската озонска дупка, покажа истражувањето.
Новото истражување исто така ги покажува разликите во преовладувачките теории за тоа како се осиромашува озонот.