Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје информираше дека од неодамна е целосно функционална мобилната апликација „Скопска“ која претставува замена за неперсонализираната електронска картичка „Скопска“, која е практично виртуелна автобуска карта. Апликацијата е достапна за мобилните телефони со „Андроид“ и „иОс“ оперативен систем.
Оттаму посочуваат дека апликацијата нуди низа поволности, меѓу кои основните за електронско купување и валидирање билет, а дополнително има и алатки, како возен ред, мапа на постојки, рута на планирање и друго.
„Во изминативе неколку месеци, апликацијата ги мина сите фази на тестирање и очекуваме дека нејзините корисници нема да се соочат со проблеми од техничка природа, а во спротивно можат да пријават проблем и слично на apskopska@jsp.com.mk. Ја создадовме апликацијата водејќи се со паролата ‘Биди во чекор со дигиталниот свет’, а како уште една дополнителна поволност за побрзо и поквалитетно користење на услугите на јавниот превоз во градот“, велат од ЈСП.
Дополнително, оттаму велат дека корисниците на јавниот превоз и понатаму можат да купат или валидираат со електронска картичка „Скопска“, со опцијата Mobipay, мобилно плаќање, а може да се купи и хартиен билет во билетарниците на ЈСП Скопје.
Од ЈСП споделија и упатство за инсталација и користење на апликацијата.