Здружението на кошаркарски прволигаши на состанок во Гевгелија му даде поддршка на предлогот на Македонската кошаркарска федерација за вклучување на посебна „репрезентација на млади македонски кошаркари“ како десетта екипа во Првата лига. Репрезентацијата ќе се натпреварува надвор од конкуренција, што значи дека нејзините резултати нема да се земаат предвид при кроењето на табелата, но ќе се настојува преку квалитетни натпревари младите кошаркари да го здобијат неопходното искуство и да чекорат напред во својата кариера.
Ова е најнов обид на македонската кошаркарска куќа да се поттикне развојот на младите играчи. Претходното правило за задолжителен настап на млад кошаркар до 20 години, кое беше активно во претходните две сезони, не ги даде посакуваните резултати, па останува да се види дали составувањето на една ваква репрезентација ќе го донесе посакуваниот напредок во младинската кошарка.
„Репрезентацијата ќе биде составена од млади македонски кошаркари, но без прецизна возрасна граница. Главната цел е воигрувањето на младите кошаркари во силната прволигашка конкуренција, за низ бројот на силни натпревари да се испирира поквалитетен развој на играчите кои во иднина би се промовирале во стандардни прволигаши и репрезентативци. Младите кошаркари и натаму работеле редовно со своите клубови, а би се собирале заедно непосредно пред одигрувањето на натпреварите. Стручниот совет на МКФ ќе го одбере тренерскиот тим кој ќе ги селектира и предводи во претстојната сезона од Првата лига“ – се вели во соопштението на македонската куќа на кошарката.
Репрезентацијата, иако ќе игра редовни кола, ќе се натпреварува надвор од конкуренција, а за противник ќе го има тимот кој во соодветното коло треба да биде слободен. Првата лига во машка конкуренција ќе ја почне сезоната 2013/14 на 12 октомври. Доколку изгласаниот предлог добие потврден одговор од Управниот одбор, младата репрезентацијата на своето прволигашко деби ќе се сретне со Карпош соколи.
Извор: Екипа