Во академската 2021/2022 година во Северна Македонија се запишале вкупно 51.510 студенти, што претставува зголемување од 1,2% во споредба со претходната академска година, покажаа податоците на Државниот завод за статистика.
Најголем број студенти (82.6 %) се запишале на државните високообразовни установи, додека 16.8 % се запишале на приватните високообразовни установи. На прва година на студии, во оваа академска година, се запишале 13.434 студенти или 26.1 %.
Бројот на запишани студентки е 29.823 или 57.9 %.
Најголем број од студентите се запишале на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вкупно 22.189. Втор на листата по број на запишани студенти е Универзитетот во Тетово со 7.771, а трет е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со запишани 7.013 студенти.
Најмал број на запишани студенти меѓу државните универзитети имало на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде се запишани вкупно 271 студенти, како и Универзитетот „Мајка Тереза“ каде се запишале 1.295 студенти.
Кај приватните високообразовни установи, најмногу студенти има Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде се запишани вкупно 2.211 студенти, а по него доаѓа Југоисточно-европскиот универзитет – Тетово со 1.747 студенти и Меѓународниот универзитет „Визион“ каде се запишале 884 студенти.
Кога станува збор за факултетите, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ (ФИНКИ), има најголем број на запишани студенти – 4.145. Меѓу првите пет се наоѓаат и Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово со 2.989 запишани студенти, Медицинскиот факултет при УГД со 2.902 студенти, Медицинскиот факултет при УКИМ со 2.873 студенти, Економскиот факултет при УКИМ со 2.199 студенти и Филозофскиот факултет при УКИМ со 2.160 запишани студенти.