Технолошката компанија „Епл“ планира да воведе нова услуга наречена „Lockdown mode“ чија цел е да додаде нов слој на заштита за застапниците на човековите права, политичките дисиденти и другите мети на софистицирани хакерски напади.
Одлуката следува откако најмалку две израелски фирми ги искористија недостатоците на софтверот на „Епл“ за далечински да можат да упаѓаат во Aјфони без корисникот на телефонот да треба да кликне било што.
„Еуроњуз“ пренесува дека новата опција ќе блокира различни типови за прикачување на порака, ќе оневозможува преглед на линкови, ќе исклучува некои технологии на веб прелистувачи, а ќе блокира и покани и повици на „FaceTime“ од непознати извори и ќе оневозможи поставки на нови конфигурациски профили или можност за влез во „МДМ“ (софтверот што овозможува ИТ администраторите да ја регулираат безбедноста на телефонот).
Исто така, оваа опција ќе ги блокира и сите врски преку кабел до Ajфон уредите кога тие ќе бидат заклучени. Израелската фирма „Cellebrite“ користела вакви рачни врски за да добие пристап до уредите, a истражувачите за безбедност веруваат дека НСО групацијата, позната по својата шпионска мрежа „Пегасус“, ги искористила пропустите во софтверот на „Епл“ во прилозите на пораките.
Претставниците на „Епл“ веруваат дека овие техники за хакирање наречени „Нула клик“ се сè уште ретки и дека најверојатно повеќето од Aјфон корисниците нема да имаат потреба да ја вклучат оваа опција.
„Епл“ ја тужеше гигантската израелска компанија „NSO Group“ која, пак, се брани дека шпионските мрежи се создадени за да ѝ помагаат на владите и да ја штитат националната безбедност. Сепак, групите за човекови права и новинарите во неколку наврати ја документираа употребата на шпионски софтвер како средство за напаѓање на граѓанските активисит, поткупување на политички позиции и мешање во процесот на избори.
„Lockdown Mode“ ќе се користи од есен и тоа на уредите Ајфон, Ајпод и Мeк.