Блокади низ целата држава од утре од 13 до 14 часот беа најавени денеска, на шестиот ден од протестите против францускиот предлог. За блокадите беше најавено дека дополнително ќе бидат посочени детали.
Протестот започна како и вообичаено, пред Владата, каде неколку демонстранти фрлаа со јајца кон зградата на Владата. Нешто по 19 часот, маршот започна од Владата кон Министерството за правда, а демонстрантите на почетокот беа поделена на две групи.
Денеска до Собранието се маршираше преку Министерството за правда, откако вчера се случи инцидент во близина на плоштадот „Скендерберг“. Пред Министерството за правда беа положени бели рози пред полицајците кои ја обезбедуваа зградата.
Оттука, демонстрантите продолжија да маршираат кон Собранието каде беше поставена бина, на која се обратија неколку говорници.
По ова, одредена група демонстранти го напушти протестот, а во меѓувреме се скандираа пароли и се пееја песни.
Протестот кај Собранието помина без поголеми инциденти. Некои од демонстрантите фрлија со неколку шишиња и лименки кон дворот на институцијата. Околу 21 часот и 30 минути пред зградата на Собранието останаа уште 100-тина демонстранти.
Францускиот предлог предизвика поделени мислења и реакции од повеќе страни. Противниците на предлогот сметаат дека со него се загрозени македонските национални позиции, додека властите го негираат тоа.
Предлогот предизвика и протести во Скопје кои во последните денови ескалираа.
Владата денеска одлучи да ја проследи предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија, претставена од Француското претседателство до Собранието, за разгледување и донесување понатамошни заклучоци.
Мартин Колоски