Хип-хоп изведувачите го одбележаа вчерашното отворање на музичкиот фестивал „Егзит“, кој секоја година се одржува на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, Србија, пишува Орадио.
Првата фестивалска вечер официјално ја отвори австралиската раперка Иги Азалија. Дополнително, вчеравечер публиката ги проследи и настапите на регионалните музичари како Френки, Мими Мерцедез, Сенида, Фокс и Суреал.
„Егзит“ фестивалот е препознатлив по разновидноста на жанровите во музичката програма, за која важен придонес дава целата низа на помали бини и зони. Па така, првата вечер на фестивалот беше исполнета и со „хардкор“, алтернативни, латино и техно звуци.
Оваа година на „Егзит“ од 7 до 10 јули ќе настапат најразлични светски музички изведувачи, меѓу кои Калвин Харис, Ник Кејв и „Бед Сидс“, Иги Азалија, „ЗУ“, „Сепултура“, Хани Дижон, Борис Брејча, Анфиса Летјаго, Марки Рамон, „Напалм Дет“, како и „Експлоитед“.
Публиката ќе може да проследи и настапи на регионални музичари како „Прти Бе Ге“, Марчело, Френки, Смоке Мардељано, Констракта, Сенида, Мими Мерцедез и многу други.
Беше доста интересно и на латино сцената. Се чинеше дека луѓето таму беа најдобро расположени.
За денес на „Егзит“, меѓудругите најавени се настапите на Ник Кејв и „Бед Сидс“, „Молчат дома“ и „Експлоитед“. Вечерва свој настап ќе има и македонскиот рапер Матеј Фолц заедно со рап дуото „ZeeBomb“.
Во продолжение погледнете ја фото галеријата и видео-записите, кои се резултат на соработката помеѓу Радио МОФ и Орадио.
View this post on Instagram