За 14,5% пораснале трошоците за живот во јуни 2022 година, во споредба со истиот период минатата година, покажаа податоците на Државниот завод за статистика.
По општи категории, најголемо зголемување од 31,4% е регистрирано во транспортот, а 20,9% се зголемени цените на храната и безалкохолните пијалаци. Истовремено најмал раст на цените има во категориите „образование“ од 0,4% и „облека и обувки“ со раст од 1,6%.
Кога ќе се погледнат пак поединечните ставки, гасот и течните горива имаат убедливо најголемо зголемување на цената, за скоро 65%. Висок пораст е забележан и кај маслото, кое поскапело за преку 51%. Паралелно единствени производи на кои последнава година им е намалена цената се спортската опрема (-1,6%) и книгите (-1,4%).
На следниот инфографик може да ги погледнете производите и услугите кои најмногу поскапеле изминативе 12 месеци:
Денеска од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги споделија и новите информации за вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка, која според нивните пресметки последнава година пораснала за дури 5.498 денари, односно 16%.
Потрошувачката кошница за месец јуни изнесува 39.710 денари и од почетокот на годинава е зголемена за 3 399,00 денари односно 9,49 %.
Според анализата на ССМ, зголемувањето на минималната синдикална кошничка расте поради енормниот пораст на цените. Најголемо зголемување има кај исхраната и пијалоците за 3,6% во однос на претходниот месец мај 2022 година, додека пак споредено со претходната 2021 година истиот месец зголемено е за 21,2%.
„Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст. Истото го покажува и самата пресметка на синдикалната минимална кошница што ССМ ја пресметува секој месец. Затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор и покрај евидентните противења на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците“, стои во соопштението на ССМ.
Даниел Евросимоски