Фондацијата Метаморфозис во рамките на проектот за граѓанско учество на УСАИД разви онлајн платформа „Пиши Им“, со која граѓаните ќе може да комуницираат и разменуваат информации со избраните општински советници во локалните самоуправи каде што живеат.
„Намената на онлајн платформата www.pishi.im е предвидена како централна точка за информирање, вклучување и вмрежување на граѓаните од одредена општина со избраните општински советници во самата општина. Платформата www.pishi.im ќе овозможи полесна и поефикасна комуникација меѓу граѓаните и избраните општински советници“, велат од Фондацијата Метаморфозис.
Платформата „Пиши Им“ е едноставна за користење и на неа се поставени форми за комуникација преку кои граѓаните ќе може да видат кои се општинските советници во нивната општина, кои се нивните надлежности, и доколку сакаат, ќе можат преку истата форма да ги контактираат.
Посетителите на страницата имаат можност да пребаруваат и преземаат одредени податоци (во .csv, .xlsx, .docx и .pdf формат, во зависност од податоците).
Преку платформата Пиши Им секој советник може да биде лично контактиран од страна на граѓаните за разни економски и здравствени прашања, социјални услуги, образование во општината, како и за работата на советот, јавни претпријатија и самиот градоначалник.
Воедно, на онлајн платформата ќе има и рангирање на општинските советници во земјава, и тоа според бројот на испратени пораки од граѓаните до нив, но и според тоа колку од испратените пораки се одговорени од конкретните советници во локалните самоуправи. Покрај статистиката по советници, има рангирање и според статистиката по општини, по политички партии и по тип на прашање.
Извор: Мета.мк