Илјадници луѓе вчера протестираа во главниот град на САД во протест поради укинувањето на уставното право на абортус минатиот месец.
Демонстрациите доаѓаат две недели откако Врховниот суд го укина преседанот „Ро против Вејд“, одлука со која се гарантираше национално право на абортус речиси половина век.
Со извици „Нема да се враќаме назад“ демонстрантите се собраа пред Белата куќа, а дел од нив се врзуваа себеси на капијата од седиштето на американскиот претседател, со што ризикуваа да бидат уапсени.
33-годишната Лорен Пирс, правничка од Далас, патувала повеќе од 2.000 километри за да учествува на демонстрациите.
„Не постои ништо што поважно за борба од оваа кауза – нашето основно право да имаме автономија на телото. Доколку тоа значи дека некој ќе не уапси, тогаш мислам дека вреди“, вели таа.
Тексас, од каде потекнува Пирс, е една од 10-те американски сојузни држави каде абортусот веќе е забранет. Најмалку уште десетина други држави се очекува дека ќе го забранат или ограничат абортусот.
Според организаторите на протестот имало околу 10.000 луѓе.
Во петокот, соочувајќи се со притисок од прогресивците, претседателот Џо Бајден потпиша указ со кој на неговиот сектор за здравство се наредува да го штити абортусот и да се обезбеди пристап до медикаменти за абортус и итна контрацепција.
Сепак, неговата моќ е лимитирана. Претседателот не може да ја наметне својата легислатива на Конгресот, ниту пак може да ја поништи одлуката на Врховниот суд, кој во моментов има мнозинство конзервативни судии.