Најмалку 15 луѓе се убиени, а околу 20 други се стравува дека се под рушевините, откако руска граната погоди станбен блок во градот Часив Јар на истокот од Украина, велат украинските власти.
Една страна од зградата висока пет спрата е целосно уништена и претворена во рушевина.
Регионалниот градоначалник, Павло Кириленко, изјави дека уништувањето било предизвикано од руските гранати „Ураган“.
Људмила, која го преживеала нападот, за Ројтерс вели дека заедно со останатите трчале кон подрумот кога слушнале три удари.
„Трчавме кон вториот влез и веднаш кон подрумот. Таму седевме цела ноќ до утрово“, изјавила таа.
Вероника Бакал, од службите за итна помош на Доњецк, за Би-Би-Си изјавила дека уште најмалку 20 луѓе се верува дека се затрупани под рушевините на зградата, меѓу нив и едно дете.
„Успеавме да воспоставиме контакт со три лица под рушевините, за кои се прават напори да бидат извлечени. Сигурни сме дека има живи луѓе, сега правиме се` за да ги спасиме“, рекла таа.
Таа додава и дека бројот на цивилни жртви од нападот во Часив Јар е еден од најголемите досега во Доњецк.
Вчера руското министерство за одбрана соопшти дека уништиле хангар во кој била складирана воена опрема во Часив Јар.
Украинската армија се обидува да ја засили одбраната околу Краматорск и Словјанск, два града во Доњецк кои се наоѓаат на патот на руската офанзива. Откако го зазедоа регионот Луханс, руските сили сега се обидуваат да го заземат и остатокот од Доњецк. Двата региони го сочинуваат поголемиот индустриски регион Донбас, за кој рускиот претседател Владимир Путин смета дека се дел од Русија.