Бројот на туристи во мај годинава бил 71.627, од кои 68.4% странски, а 31.6% домашни туристи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени денеска.
Во периодот од јануари до мај годинава, во однос на истиот период минатата година, кога на сила сè уште беа бројни ограничувања низ земјите, бројот на туристи е зголемен за 74.3%, односно забележано е зголемување од 133% кај странските туристи и 26.7% кај домашните туристи.
„Бројот на ноќевањата во мај 2022 година изнесува 153.686, од кои 35.1 % се на домашни туристи, а 64.9% на странски туристи. Во периодот јануари – мај 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 68.6% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 32.8 %, а кај странските зголемувањето е за 110.1 %“, посочуваат од ДЗС.
Во мај најголем број од туристите во Македонија биле од Турција, Србија и Бугарија. Според податоците од ДЗС, најмалку туристи имало од Белорусија, Нов Зеланд и Малта.
Погледнете повеќе на инфографикот кој го подготви Радио МОФ.
Мартин Колоски