„Спомен“ може да се протолкува како впечаток, оној што држи во сеќавањето. Или некаков предмет, фотографија, сувенир за сеќавање за некого или нешто. „Спомен“ може да биде и сеќавање за тага, колективна болка, војна, или пак за некакво чествување или културно обединување. „Спомен“ е отпечаток за времето, минато или сегашно. „Спомен“ и е спомен-обележје.
„Спомен“ се викаше и првата скопска самостојна изложба на Марко Кројач, германскиот уметник што со тридневна поставка, а потоа и со импровизаторска сесија, ја заокружи едномесечната уметничка резиденција во Македонија и во работилницата на колективите Партизанска штампа и Задруга 5060.
На затворањето на изложбата во Центар-Јадро засвиреа група уметници од независната сцена како Тома Димовски, Дени Омерагиќ, Јоана Ристеска, Владимир Лукаш, а подоцна дојде и се приклучи и Тодор Караколев. Во групата беше и самиот Марко Кројач. Тој седеше, музицираше со нив, па ќе стане. Како возбуден татко крај своите креативно ослободени деца, впуштени во импровизаторска патувалка. Де ги фотографираше, де покрај лаптопот и миксетата го модифицираше тонот и додаваше уште еден слој на целата звучна слика. Ова беше жичано-удирачко-дувачки-електронски инструментариум. Бучен, сиров и оригинален. Повеќеслојно патување што оддекнуваше меѓу изложените фотографии и платна. Луѓе гледаа, но луѓе и учествуваа во процесот. Заедно.
Ова на Кројач му дојде како природно опкружување, алтернативно соединување меѓу другари и слободни уметници, она што Германецот (вистинско име Марк Шнајдер) го има како животен ракурс. Тој е и музичар, диџеј, активист, хроничар. Дел и од мултимедијалниот колектив „Центрифуга“ од Берлин, каде активно музицира и работи во сито печат.
Кројач веќе има солидна уметничка километража. Изложувал во Токио, Женева, Белград, Берлин, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник – фотограф. Но, на врвот на мислата, како дејност со која многумина го поврзуваат е тоа што Кројач повеќе од две децении се занимава со истражување, фото хроника и архивирање на споменичното културно наследство од НОБ изградено на територијата на поранешна Југославија. Токму таков „Спомен“ прикажуваше оваа изложба. Оттука, со богата архива од фотографии на околу 700 споменици, од кои некои повеќе не постојат, Кројач е фанатик што вреди да се погледне. И запознае.
„Фанатик велиш, а?“, се смее Кројач на оваа констатација. „Можеби е тоа така, интересно гледиште“, додава тој при нашиот муабет.
Слободата на самите уметници или архитектите, творечкиот процес, културно-социјалните моментуми, ужасиите на војните, борбите, но и бетонските споменици што произлегуваат од сите овие состојби, се можеби белег на целата оваа импозантна архива на Кројач. Тој може со часови да стои пред своите дела. Да ги гледа, да ви раскажува за локации, (без)временски концепти, автори.
Еден од авторите за кој говори е Богдан Богдановиќ, влијателен архитект и творец на споменици во регионот, автор на Камениот цвет во Јасеновац, но и писател, надреалистички уметник, своевремено и градоначалник на Белград и политички дисидент. Од 1951 година, па до 1981 година, Богдановиќ создаде 20 споменици и меморијални места против фашизмот и милитаризмот, кои беа подигнати во сите републики на Југославија. За да работат како кенотафи за сите жртви на фашизмот, без разлика на националност и религија, им недостигаат симболи на комунизмот или други идеологии. Наместо тоа, тие се потпираат на архаични, митолошки форми, дури и футуристички, остро контрастни со дотогашните принципи на социјалистичкиот реализам.
„Богдан Богдановиќ е еден од моите фаворити. Имав голема чест да го запознаам. Му испратив писмо со фотографии од неговите дела, а тој ме покани да се видиме. Еднаш, отидов во Попина (меморијалниот комплекс во Србија). Тоj претставува ужасна историја, но истовремено со прекрасни творби. Тоа ме ‘вовлече’. Во тоа време имаше човек од Хрватска, правеше колажи од овие споменици, но јас бев оној што потоа навистина ‘влезе длабоко’ во нивно истражување. Постоеше простор (за студирање) многу повеќе од тие 20 споменици“, раскажува Кројач.
Токму затоа оваа изложба, практично, беше „Спомен“ и на македонски обележја. Во Центар-Јадро беа поставени експериментални платна печатени со сито импровизација, со особен фокус на Македонија и на „Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата – Штип“ (Богдановиќ 1969-1974).
Присутните можеа да погледнат и албум со налепници – дериват на изданието „Споменици револуције“ од 1978 година, односно извадок за сегментот кој се однесува на Македонија. Кројач користел сличен концепт како самолепливите албуми на „Панини“, но со фотографии од спомениците на земјава правени меѓу 2012 и 2022 година, пропратени со кратко инфо. Во овој дел, ќе прочитате дека Спомен-костурницата во Кавадарци е во знак на 270 погинати борци во НОБ, дека во Велес има Спомен-куќа на книжевниот деец Кочо Рацин, или дека автор на Споменикот на слободата во Гевгелија е Јордан Грабуловски.
Понатаму, изложбата беше пропратена и со „Споменици на револуцијата“ – фотографии работени во сито печат. Делата го овековечуваа и критички го рефлектираа споменичното богатство во земјава и регионот, посветено токму на животите положени во борбата против фашизмот.
„Мојот живот се смени изминативе 20 години. Кога го стартував процесот, пријател од регионов ми рече ‘ти стануваш важен за нас’. Го прашав ‘зошто’? Затоа што започнав историско истражување за споменици, кои локалците го гледаат, но можеби многумина не ги сфаќаа или препознаваа (како вредност). Или за нив е само сеќавање на детството и сл. Пред 10 години, некаде прочитав дека се ‘изгубени заборавени споменици’. Тоа не е вистина. Тие не се изгубени, ниту заборавени“, вели Кројач.
Според него, тие се историја, но со одраз и во сегашноста. Кога патува некаде, вели тој, гледа каква е состојбата на спомениците, но и какви луѓе живеат околу нив.
„Некаде спомениците се свежи, сочувани, на друго место уништувани од радикални групи. Преку нив го гледам секојдневието, културолошките и историски бранувања. Сегменти од вакви монументални дела кај вас гледам во склоп на различни објекти“, посочува Кројач.
Во однос на неговата друга дејност со берлинскиот „Центрифуга“, овој колектив изминатиов период работел на печатење со сито печат, каде се вклучени и бездомници.
„Тоа е вибрантен и креативен простор. Организацијата сè уште се грижи за бездомниците. Продолжуваме и со музички активности. Во колективот постои и група која прави изработки од пластично ѓубре, разни перформанси. Па така, кога ќе се вратам имам изложба, а една недела подоцна – фестивал. Ќе работиме и на изработки од сито печат, нивно продавање. Мора да се бараат начини да опстојување и самоодржување“, вели тој.
„Центрифуга“ во моментов е во фаза на „освежување“ со нови луѓе. Постои некаква генерациска транзиција, вели тој, што генерално важи за секоја група што сака да работи заедно. Потребна е свежина, но без да се изгуби колективниот дух и солидарноста. Односно, ако некој е себичен во намерите – колективот треба го препознае како недостаток.
„Во колективот може да има стрес, но кога имате добар тим, можете да се борите и потоа да работите заедно. Тоа е најважно“, констатира Кројач.
На крајот на изложбата во Центар-Јадро, посетителите си земаа нешто за по дома. Торба, книга со фотографии или принт. Кој што сака и колку може. Овие работи, навидум ситни, ама ја продолжуваат уметничката и солидарна конекција што деновиве ги поврзува Марко Кројач, Партизанска штампа и Задруга 5060. Остануваат како колективни спомени.
Бојан Шашевски