Во склоп на проектот Креативен викенд во селото Лазарополе од 31 август до 1 септември 2013 се одржа Работилницата за ФОТОГРАФИЈА, работилница на која партиципираа млади фотографи или заинтересирани за фотографијата како уметност, кои најпрвин теоретски, а потоа и практично се запознаа со основите на фотографијата, а потоа имаа можност во прекрасниот амбиент на селото Лазарополе заедно да работат, да се инспирираат, создаваат, фотографираат, да соработуваат, да се дружат и да уживаат во природата.
Целта на овој креативен викенд е создавање фотографски дела чија главна тема е поврзана со селото Лазарополе. Оваа работилница беше наменета за сите уметници и млади кој се интересираат за фотографијата како уметност, без оглед на нивната техничка подготвеност, кој се волни да научат повеќе за фотографијата, за нејзината примена како медиум во уметноста, за концептуалната фотографија или едноставно да се инспирираат од убавините на Лазарополе.
Како резултат од оваа работилница произлегоа серија фотографии на учесниците на овој креативен викенд, чиј дел ќе бидат претставени на оваа изложба. Насловот на изложбата, ЛАЗАРОПОЛЕ НЕКОГАШ И ДЕНЕС, едноставно и недвосмислено ја претставува темата врз која се создаваа фотографиите. Самата изложба ќе биде фотографски пресек помеѓу презервирањето на минатото на Лазарополе низ историјата и документирањето на сегашноста и она што е Лазарополе денес. Замрзнување на автентичната слика на селото какво го знаеме, изглед кој под притисок на осовременувањето се побрзо се менува. Изложбата ќе се одржи во City Jazz Club Mojo – Скопје, со почеток во 20:00 часот.
Координатори и куратори: Тони Димитров и Ана Лазаревска
Извор: Cooltura.mk