„Почеток на новата ера во вселенското набљудување“. Вака астрономите вчера ги нарекоа првите слики кои НАСА ги објави од Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ – најголемата и најмоќната вселенска опсерваторија во историјата на човештвото.
Фотографиите од инструментот кој кружи околу Сонцето донесоа одушевување и нови податоци за научниците кои чекаа децении овој проект да започне да ги испорачува резултатите со што би се променил нашиот поглед на космосот.
По првата слика, од кластерот галаксии SMACS 0723, вчера Американската вселенска агенција објави уште три фотографии кои го покажуваат потенцијалот на Телескопот „Џејмс Веб“ да гледа наназад во самите почетоци на Универзумот, да продира низ длабоки структури во вселената и да овозможи истражување на атмосферите околу планетите кои се наоѓаат далеку надвор од нашиот Сончев Систем.
Првата од трите нови слики кои ги сподели НАСА е од Маглината на Јужниот Прстен (Southern Ring nebula). На неа може да се види ѕвезда во изумирање, која е оддалечена 2.500 светлосни години од Земјата. Станува збор за споредба од слики направени со два различни вида на инфрацрвена светлина.
Можеби уште поспектакуларна е втората фотографија на Стефановиот Квинтет (Stephan’s Quintet), густ кластер на пет галаксии привлечени од Црна Дупка. Иако Црната Дупка не може да се види, се гледа материјал кој кружи наоколу и е проголтан од неа.
Последната фотографија изгледа навистина неверојатно. Станува збор за Маглината Карина (Carina nebula), на која е прикажан пејзаж од планини и долини распрскани со ѕвезди, што е всушност регион каде се раѓаат нови ѕвезди наречен NGC 3324. „Гледаме структури кои не ни знаеме дека се таму“, вели астрофизичарката од НАСА, Амбер Строг.
Од НАСА посочуваат дека телескопот е во одлична состојба и дека ги задоволува, па дури и надминува очекувањата на научниците.
„Пресреќен сум и многу ми олесна. Ова беше навистина тешко и одзеде многу време. Невозможно е да ви објаснам колку тешко беше… но успеавме!“, вели д-р Џон Матер, проектен научник на мисијата од НАСА.
Оваа колекција на фотографии од длабоката вселена го означува официјалниот старт на научните активности на „Џејмс Веб“, кој се соочуваше со неколку одлагања и надминување на трошоците пред да биде лансиран. Откако ја започна својата мисија во декември минатата година, потребно беше околу шест месеци за овој телескоп да ги расклопи и калибрира своите инструменти во вселената. Впечатливо е тоа што телескопот има огромен штит со големина на тениски терен кој го штити од сончевите зраци, како и 18 позлатени огледала кои се распоредени околу телескопот за подобро да ја регистрира светлината која доаѓа од објектите кои ги набљудува. „Џејмс Веб“ е поставен во посебна зона, со погодна гравитација, на околу 1,6 милиони километри од Планетата Земја.
Фотографии: NASA/ESA/CSA/STScI