Од 33 случаи на родово-базирано насилство изминатата година, 26 биле жртви на семејно, 2 на сексуално насилство, 3 на силување и 2 на сексуално вознемирување.
На овие случаи им била овозможена бесплатна правна помош од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот „Превенција, поддршка и застапување за родово базирано насилство” за што вчера беше одржана панел дискусија.
Анализата на овие случаи, како што се вели во соопштението од Хелсиншки комитет, покажува непрофесионалност, контрадикторност и невоедначеност во постапувањето на дел од центрите за социјална работа.
Исто така, видливо е институционално непостапување во случаи кога станува збор за насилство извршено од поранешен партнер, непостапување на јавното обвинителство по кривична пријава за сторено родово базирано насилство и непостапување на МВР по добиени пријави за семејно насилство.
„Македонија не е Скопје. Низ државата не знаат за постоењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, а камоли за примена, што е поразително. Кај полицијата, премногу застапен е хиерархискиот елемент при постапување – доколку немаат насоки ‘од горе’, тие ги враќаат и осудуваат жртвите, а потоа тие се враќаат кај сторителот“, истакна адвокатката Марта Гусар.
Гусар додаде дека се има елан и се носат закони, а кога ќе дојде на ред имплементација, сѐ паѓа во вода.
Според неа, како што е наведено во соопштението, единствено се признава Кривичниот законик, додека кај полициските службеници нема познавања за обврските и одговорностите за да се спроведе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Во соопштението се вели дека како позитивен сигнал од обуките за полициски службеници, кои ги спровел е тоа што началникот на полициска станица во Свети Николе пристапил до Организација на жени од Свети Николе и побарал обука за родово базирано насилство.
На панел-дискусијата беше презентиран и документот за јавни политики „Кој (не) може да пријави насилство?“ што како што наведуваат од Хелсиншки, дава одговор на прашањето како непостапувањето на надлежните институции влијае врз пријавувањето на насилството.