Што ако од твоето омилено хоби направиш профитабилен бизнис модел? Одговорот на ова прашање го има американската група Critical Role составена од неколку познати актери и актерки на гласовна глума.
Critical Role настана пред најмалку седум години по иницијатива на Метју Мерсер, каде тој и неговото избрано друштво кои се страствени фанови на Dungeons and Dragons ќе сочинува авантуристичка група која ќе се впушти во долги DnD кампањи. Во ред, тоа звучи како секое стандардно друштво кое би почнало или продолжило DnD кампања доколку слободниот термин тоа им го дозволи, но тоа не е случајот со CR.
Еден ден на Метју Мерсер му паднала идеја да прави стримање на DnD кампањите на различни стрим платформи како Twitch и YouTube на кои тој е Dungeon Master, па така собирајќи го својот потесен круг на друштво го основале Critical Role, каде во точно одреден термин Метју Мерсер, заедно со Ешли Џонсон, Тревис Вилингам, Лаура Бејли, Мариша Реј, Сем Рајџел и Лијам О’Брајан емитуваат епизода од авантурите на нивната фантастична група, Vox Machina. Резултатот? Голема публика која ја следи авантурата на Мет Мерсер и компанија од епизода во епизода и масовна популаризација на Dungeons and Dragons за пошироката публика, овојпат во попозитивен контекст. За напомена – DnD доживеа своја негативна популарност пред едно добри 40 години кога загрижени американски родителски и конзервативни групи креваа паника дека фантазиската друштвена игра Dungeons and Dragons поттикнува лошо однесување, насилство, криминал, сатанизам и други негативни карактеристики. Секако, DnD ќе си добие свое внимание и простор во некоја друга прилика. Овдешниот фокус е повеќе насочен кон Critical Role.
Critical Role има зад себе оставено две сезони на активни DnD кампањи, секоја со минимум по 100 епизоди и вкупна гледаност од најмалку 60 000 000 гледачи на различни стриминг платформи. Периодов ја тераат својата трета сезона. Поради огромниот успех, некако испадна логично Vox Machina, името на групата на авантуристите да добие свои адаптации, како издавање на стрип серијал под знакот на Dark Horse Comics. Она што не беше очекувано, беше нешто поамбициозно од стрип, поточно беше создавањето на сопствена анимирана серија. На почетокот на месец март во 2019 година, Critical Role објавија kickstarter кампања на kickstarter.com за финансирање на цртана авантура на Vox Machina која би се случувала на почетокот на нивната прва сезона. Првичната граница за финансирање била околу 750 000 долари за само една посебна епизода. За само еден час од отварањето на кампањата, таа граница била надмината, па Critical Role воспоставија временски рок од 45 дена за активно финансирање со воспоставена цел – во зависност од собраните средства да направат мини серија. На крајот на финансирањето биле собрани над 11 милиони долари, и на тој начин Vox Machina станала рекордер во kickstarter како најуспешно финансиран проект од филмски тип. Успехот на овој потфат не останал незабележан – иако биле предвидени 10 епизоди за првата сезона поради недостигот на 2 милиони долари за правење на последните две епизоди, Amazon Studios ги понудиле потребните пари за тие епизоди за возврат да ги добијат правата за емитување на серијата на Amazon Prime Video, под уште ден услов: тимот на CR да ја задржи креативната слобода, што и бидна.
Тал Дореи е во голема невоља. Пределите се тероризирани од некое непознато суштество или појава. Кралстовото ги губи своите најдобри воини, а сведоците не можат да дадат прецизен опис на тоа што ги предизвикува зулумите. Во очај, Уриел Тал Дореи, кралот на Тал Дореи се согласува да се постави јавен оглас за најмување на платеници и авантуристи кои би можеле да го ослободат кралството од овој значаен проблем. А штом има кралски оглас, тогаш сигурно и наградата е исто така кралска, па затоа оваа работа е примамлива за интересното, но банкротирано друштво Vox Machina кое го сочинуваат: Перси Де Роло (единствениот пиштолџија во овој магичен свет), Пајк (стандардната клерица и исцелител на групата), Грог (типичниот варварин), Кејлит (елфска шаманка), Векс (елфска стреличарка-шумарка), Вакс (братот на Векс, одметник специјалист за притаени мисии) и Сканлан (гном и слаткоречив бард). Уште на стартот нашите херои откриваат дека пределите ги тероризира син змеј и дека не е нималку лесно да се убие такво суштество. Воедно, не само што овој потфат може да се чини речиси невозможен, туку е и поврзан со нешто многу подлабоко, нешто што може да го потресе самото кралство до темел и ќе открие една голема тајна кај еден од членовите на Vox Machina.
До пред пишувањето на овој текст не бев многу запознаен со историјата на Critical Role и нивните DnD сесии, ниту пак со нивната популарност, ниту пак ја следев нивната акција за создавање на анимирана серија. Она што овозможи да се заинтересирам за CR беше рекламната промоција на Amazon Studios за првата анимирана сезона на Vox Machina. По трејлерот акцентот на промоцијата беше за тоа како неочекувани и повремено дисфункционални херои го спасуваат светот за одредена цена, бидејќи и на хероите им требаат пари. Серијата ми беше на список за гледање, но поради разно разни обврски речиси ја заборавив. Можеби и така испадна подобро бидејќи ова е серија која заслужува да се гледа на лето со оглед на нејзината лежерно-лезетска природа.
The Legend of Vox Machina е анимирана DnD авантура која повеќе одговара на серии од типот на Farscape, само што е во фантазиски сетинг, каде група на несвојствени ликови создава чувство на речиси братска поврзаност и каде речникот на групата е модернистички, по што се приметува нивната одделност од останатите жители на Тал Дореи (сепак станува збор за играчи на DnD во свет на ликови од магично средновековен свет). И тоа е првиот позитивен фактор за оваа симпатична серија – интеракцијата на ликовите. Уште пред да се официјализира Critical Role со стандардните стрим сесии, Метју Мерсер и компанија веќе правеа домашни сесии надвор од камерите, и токму долгогодишното искуство со нивните постојани средби придонесува за убавата хемија на ликовите кои ги играат. Има доволно доза на сериозност кога треба да има сериозност, и има доволно доза на хумор за да се долови комичноста на одредена тензична акција. Како и да е, Vox Machina има доволно рамнотежа за да не потпадне како комедија или мрачна драма и баш ќе биде интересно како ќе се одвива развојот на ликовите во понатамошните авантури со оглед на тоа што Amazon Studios уште пред неколку месеци даде дозвола за втора сезона.
Во поглед на анимацијата, во последните години се гледа влијанието на јапонската анимација врз западни анимациски проекти (Avatar: The Last Airbender, Castlevania), па некако не е изненадување што аниме стилизацијата е присутна и во Vox Machina, но е доволно ублажено за да не изгледа како апла аниме. Овде честа и припаѓа на Titmouse Studios и Крис Приноски кои беа првиот избор за анимациска продукција од страна на Critical Role. Како замерка сепак останува спојот на 2D со 3D анимација кој на крај краева е очигледен проблем за хармонизирање (една сцена која се случува некаде накај крајот на сезоната остава негативен впечаток, но останува на вас да дознаете).
Сума сумарум: The Legend of Vox Machina е проект на љубов кој кулминира после многу години гаење на едно хоби на една група на страствени фанови на друштвени игри, видео игри и аниме серии и филмови. И како таков не е ништо чудно што и лица кои ја гледале само серијата, а не се запознати со Dungeons and Dragons се поттикнати да купуваат правилници, коцки и листови за DnD. Крајот го одбележувам со првата епизода на Critical Role на YouTube каналот на Geek and Sundry за да можеме да го видиме изворот на оваа интересна авантура.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.