Овојпат во #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Три експлозии на бојлер“ од Будимка Поповска.
Три експлозии на бојлер
Три случаи на експлозија на бојлер во мојата поширока фамилија, до трето колено наназад.
Дедо ми ми раскажуваше за шпанската треска, но никогаш не го заслушав внимателно. Ми раскажуваше за битките, за пукањата, за криењето во шума, за чувството на непријателство. Знаеше и стихови од Илијада напамет. Беше штрбав и малку ми беше неразбирлив одвреме-навреме, да речеме го слушав секој втор или секој трет збор од кажаното. И кога ги затворав очите за подобро да го разберам, на платното се појавуваше ликот на Хомер, не знам како. Беше волшебник за прикажување.
Особено сакав кога ќе раскажуваше како после војната, едвај спасиле глава при експлозија на бојлер во бањата на соседите. Куќите им биле залепени една за друга.
Детето во мене сакаше на војната за која тој ми прикажуваше да гледа како на игра. Едните броеле до сто убиени, другите се криеле и трчале. Кога ќе се стемнело, заспивале и сонувале убави соништа. Утредента се прашувале: „Што би било кога би било убаво?“ И никогаш, никој ни на сон не помислувал дека откако војната ќе заврши, би можел да загине од бојлер.
Будимка Поповска е писателка, поетеса и уметница од Скопје. Таа ги има издадено книгите: „Врата“ (графичка поезија, 1994), „Полигони“ (раскази, 2007), „Друга визура“ (есеи, 2008), „Невидливи вежби“ (прозна поезија, 2011), „Куќа на Марс“ (поезија, 2019), „Ботичелиев каталог“ (есеи и фотографии, 2019), „Полигони“ и „Невидливи желби“ (на хрватски, 2021).
Самостојна изложба „Фантомима“ (МКЦ, 2019); како член на групата Абау а ку, изложба „Млечен град“ (МКЦ, 1991).
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.