Од Министерството за култура денес информираат дека интензивно се работи на буџетска анализа и на внатрешно преструктурирање на Буџетот за да не биде нанесена штета на другите корисници кои се поддржани со Годишната програма за проекти од национален интерес за тие, без поголеми последици, докрај да ги реализираат своите одобрени проекти за 2022 година.
Ова доаѓа по скорешната реакција на Асоцијацијата на независна културна сцена – ЈАДРО дека, како што наведоа оттаму, одлуката на Министерството за култура да скрати 31% од буџетот директно ќе се одрази врз независните културни работници и ќе претставува опасност за целосно укинување на долгогодишни програми и гаснење на мали организации чијшто опстанок директно зависи од овие средства.
„Министерството за култура максимално се залага за обезбедување на средствата за проектите на активните корисници кои имаат значаен удел во создавањето на културата во земјава, а се надвор од државните институции“, стои во соопштението од Министерството.
Оттаму потенцираат дека ќе го следат почитувањето на договорите со корисниците и затоа апелираат сите поддржани апликанти да ги испочитувaат роковите и обврските што произлегуваат од договорите без барање за нивно пролонгирање.
ЈАДРО: Неприфатливо е кршењето на веќе потпишаните договори од страна на Министерството за култура