Температурите вчера достигнаа до 40 степени во големи области на западна Шпанија како и во Португалија. На север во Пињао се забележани 47 Целзиусови степени, што е рекордно високо ниво за јули во континенталниот дел на Португалија.
Силните ветрови и сушите во неколку земји во Европа предизвикаа пожари кои ги принудија жителите и туристите од различни градови и села да бегаат од огнената стихија, јави Би-Би-Си.
Во Португалија и Шпанија каде температурите се искачија над 40 степени, во десетици пожари и од топлински удар загинаа најмалку 281 лице.
Повеќе од 10.000 луѓе беа принудени да го напуштат југозападниот француски регион Жиронд во изминатите неколку дена. Неколку градови на западот на Шпанија беа евакуирани.
Според Би-Би-Си, топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и траат подолго поради климатските промени.
Светот веќе се загреа за околу 1,1 Целзиусови степени од почетокот на индустриската ера, а температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не направат значително намалување на штетните емисии.
Пожарникарите во Шпанија се борат да го заштитат градот Монсагро, но пожари избувнаа и на југ во националниот парк Монфраж кој е дом на ретки видови птици. Главниот автопат Н-5 во Касерес, источно од паркот, е во застој откако шумскиот пожар стигна до него.
Здравствениот институт Карлос Трети вчера соопшти дека најмалку 43 лица починале од горештините во првите два дена од последниот топлотен бран во неделата и понеделникот.
Здравствените власти во Португалија забележаа 238 смртни случаи повеќе од нормалното од 7 јули, што го припишуваат на многу топли и многу суви услови. Најпогодени се постарите лица, децата и лицата со хронични заболувања.
Италија и Хрватска, исто така, пријавија шумски пожари изминатава недела, а силните ветрови значително го зголемија ризикот од пожари во пет региони во Грција, предупредија претставници на цивилната заштита.
Централна Грција, Атика и Крит се меѓу најзагрозените области и властите ги повикаа Грците да не прават ништо што би можело да предизвика пожар.