На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.Собранието даде зелено светло за францускиот предлог за преговорите со Европската Унија
Пратениците во Собранието ја усвоија Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, по три ден расправа.
Пред Собранието пак, луѓе со свирчиња, знамиња и транспаренти на кои пишува „Не“, со свирежи и скандирања од пладне протестираат против францускиот предлог, а во меѓувреме во живо се пренесуваше собраниската седница.
2.„Младите можат“ прават начини како младите повеќе да се ангажираат во својата општина
Дури 71, 7% од младите никогаш не учествувале во волонтерска активност, а 52% од нив велат дека сигурно не би волонтирале некогаш понатаму. 75 % никогаш не работеле индивидуално и во група да решат некаков проблем во општината, 42% делумно се задоволни од работата на нивната општина, додека 44% велат дека не можат ништо да придонесат за подобрување на нивната општина.
Овие податоци се дел од наодите на истражувањето „Потребите на младите на локално ниво на Општина Центар“, што „Младите можат“ оваа година го спроведува во рамки на проект-програмата „Младинска банка – Центар“.
3.Горан Столевски: Кога режирам, сакам да се поврзам на примално ниво со соработниците и гледачите
„Сакав да направам филм за некој што кон светот гледа како кон нешто сосем ново, да му дадам чувство на гледачот дека приказната на некој начин зазема место надвор од времето“, вели Горан Столевски, режисерот и сценаристот на филмот „Нема да си сама“, што ја имаше своја македонска, но и европска премиера на Фестивалот за европски филм „Cinedays“.
Столевски за Радио МОФ рече дека сакал да започне со премиса што вообичаено припаѓа на хорор филм, но да ги приоретизира чувствата на карактерите и врските наместо да се држи до нормите на самиот жанр.
4.И по три успешни паради на гордоста, ЛГБТИ заедницата во Македонија со чувство на страв
„Одамна успеав да го искоренам она традиционално македонското прашање: ‘Што ќе кажат комшиите’ , и тоа не беше толку страшно за мене колку што беше прашањето ‘А што ако нешто се случи?’. За жал, тоа прашање ме следи секој „Прајд“, особено знаејќи дека многу често, мојата заедница наидува на омраза и нетолеранција. Се борам и ги тргам таквите мисли секоја година кога ќе видам колку е важен настанот, колку е важен протестот, колку се важни, а и среќни, сите кои се таму“, раскажува за Радио МОФ Наталија Крстевска, која активно волонтира уште од организирањето на првата парада на гордоста во 2019 година.
Иако досега била дел од сите три, таа и оние што ги познава сѐ борат со стежнатите грижи што постојано се граничат со стравот од тоа дали можеби ќе се случи нешто лошо за време на парадата или по завршување.
5.[Фото] Колективен „Спомен“ од Марко Кројач
„Спомен“ може да се протолкува како впечаток, оној што држи во сеќавањето. Или некаков предмет, фотографија, сувенир за сеќавање за некого или нешто. „Спомен“ може да биде и сеќавање за тага, колективна болка, војна, или пак за некакво чествување или културно обединување. „Спомен“ е отпечаток за времето, минато или сегашно. „Спомен“ и е спомен-обележје.
„Спомен“ се викаше и првата скопска самостојна изложба на Марко Кројач, германскиот уметник што со тридневна поставка, а потоа и со импровизаторска сесија, ја заокружи едномесечната уметничка резиденција во Македонија и во работилницата на колективите Партизанска штампа и Задруга 5060.
6.[Инфографик] Туристите се враќаат во Македонија откако стивна пандемијата
Бројот на туристи во мај годинава бил 71.627, од кои 68.4% странски, а 31.6% домашни туристи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во периодот од јануари до мај годинава, во однос на истиот период минатата година, кога на сила сè уште беа бројни ограничувања низ земјите, бројот на туристи е зголемен за 74.3%, односно забележано е зголемување од 133% кај странските туристи и 26.7% кај домашните туристи.
7.Лежерно: The Legend of Vox Machina
Нашиот надворешен соработник Марјан Болтевски спреми нов текст:
Што ако од твоето омилено хоби направиш профитабилен бизнис модел? Одговорот на ова прашање го има американската група Critical Role составена од неколку познати актери и актерки на гласовна глума.
Critical Role настана пред најмалку седум години по иницијатива на Метју Мерсер, каде тој и неговото избрано друштво кои се страствени фанови на Dungeons and Dragons ќе сочинува авантуристичка група која ќе се впушти во долги DnD кампањи. Во ред, тоа звучи како секое стандардно друштво кое би почнало или продолжило DnD кампања доколку слободниот термин тоа им го дозволи, но тоа не е случајот со CR.
8.Училишна шарена клупа во Стојаково предизвика навреди кон ЛГБТИ + активист
Клупа во училишен двор, односно шарена клупа во бои што наликуваат на оние на виножитото, стана актуелна тема во Стојаково. Клупата беше и причина лице да започне онлајн говор на омраза и да бара клупата под итно да биде префарбана во друга боја.
Во онлајн „ловот на вештерки“ веднаш беше пронајден и „виновникот“ за ширењето на „ЛГБТИ+ пропагандата“ – Дејан Сламков, кој е студент и водител на аудио подкастот „Save our children“, каде обработува квир тематики. Одеднаш, Сламков стана мета на онлајн говор на омраза и беше именуван како „претседател на lgbd заедницата од Стојаково“ кој наводно повикува млади да членуваат во „неговата организација“, по што следуваа и повици за тепање.
9.[Фото + видео] „Зрно“ ги спои љубителите на благородните фотографски процеси
Изминативе денови се одржуваше „Зрно“, првиот фестивал за алтернативна фотографија. Зрното изрти со изложба на алтернативни фотографии од различни автори, а потоа на Матка постојано се случуваа работилници и дружби на повеќе љубители на благодорните фотографски процеси од регионот.
„Зрно се нарекува фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. Зрно е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативнта фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. Зрно сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да успори, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себе. Да дише…“, посочија организаторите.
10.Инста(нт) вести 2.7
Движејќи се меѓу протести и летни фестивали, се качивме високо бидејќи „подобро се гледа“ преку „Cinedays“, ѕирнавме во парчето универзум и ја подготвивме новата епизода на #ИнстантВести
Во неа зборуваме за победата на Европското првенство во кантер, потребата од „Идентитол форте“, луксузниот скопски јавен превоз, а се возиме и со пловило на соларен погон. Се разбира дека не го пропуштивме омилениот „Д фест“ каде што направивме и nobl интервју со Констракта.