Српската полиција потрошила околу два милиони евра за организација на обезбедување на Парадата на гордоста, која и оваа година на крајот беше забранета, пишува српскиот весник Блиц.
Изворот за Блиц во српското Министерството за внатрешни работи, вели дека најголем дел од овие пари полицијата ги потрошила за набавка на нова опрема која сеуште не допатувала во српското Министерство, па оттука и ако сакала полицијата да ја користи за време на Парадата, тоа било невозможно. Сепак пишува весникот, сеуште нема одговор зошто се нарачувала скапата опрема и за каков вид технички средства станува збор, иако надлежните биле свесни дека нема да пристигнат пред почетокот на настанот.
„Многу пари се потрошени за создавање на нов команден центар , покрај оној што го има МВР, а од кој беше планирано да се управува целото обезбедување на парадата. Од вкупниот износ, само за дневници на полицајците требаше да бидат потрошени 400 илјади евра. Со овие пари треба да бидат исплатени оние 6.500 полицајци кои биле вонредно ангажирани за директно обезбедување на Парадата на гордоста која и кои од петокот се по улиците на Белград, иако парадата била откажана, како и сите други кои се вклучени во логистика на целата полициска операција“, тврди изворот за Блиц.
Ако српското Министерството за внатрешни работи од парите на државните обврзници потрошило повеќе од 200 милиони динари за купување нова опрема, опремување на командниот центар и вклучување на многу полициските службеници за обезбедување на Парадата, тогаш во најмала рака е чудна одлуката на директорот на полицијата Милорад Вељовиќ, дека настанот мора да се забрани поради поради висок безбедносен ризик, анализира весникот.
Потпретседателот на Владата на Србија, Александар Вучиќ во петокот пред состанокот со Бирото изјави дека „српскиот народ ќе знае точно што соопштила полицијата , каков е ставот на безбедносните служби и никој нема ништо да сокрие“. Сепак јавноста сеуште чека на официјалните информации за тоа кој, каде и на кој начин планирал да изврши напад на учесниците на Парадата, како и дали некој ќе одговара за организирање насилен упад на Парадата.
Ова беше и главната причина Парадата да биде забранета, но и покрај тоа група ЛГБТ-активисти во петокот прошетаа низ центарот на Белград. Поворката тргна од Владата на Србија и се движеше до Народното собрание, а собирот помина без инциденти.