Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека е распишан Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година.
За студентите на располагање се вкупно 4.834 легла во студентските домови, од кои 1.165 се предвидени за студенти од прва година, а 3.669 за студентите од втора до шеста година и апсолвенти.
Најголем број легла, вкупно 1.186, се достапни во Студентскиот дом „Гоце Делчев“, додека 997 легла се на располагање во Студентскиот дом „Пелагонија“.
Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година, осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.
Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.
Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од денес (18 јули) и трае до 5 август 2022 година. Рокот за пријавување на студентите од прва година почнува од 5 септември 2022 година и трае до 16 септември 2022 година.
Повеќе информации за Конкурсот се достапни на следниов ЛИНК.