Повик за волонтер(к)и на книжевниот фестивал „Друга приказна“

Книжевниот фестивал „Друга приказна“ ги повикува сите млади љубители на книжевноста и културата да се придружат во процесот на подготовка на седмото издание преку повик за волонтер(к)и.

„Потребни ни се ентузијастични, љубопитни и ажурни волонтер(к)и кои сакаат подобро да ја запознаат и да се вклучат во книжевната и културната сцена во Скопје и да се подружат со писател(к)и, критичар(к)и, уредници, уметници и теоретичар(к)и од земјава и регионот. Претходно волонтерско искуство е предност, но не е неопходно“, се вели во повикот.

Годинешната тема на фестивалот е „Нова писменост“, а истиот ќе се одржи на 26, 27 и 28 август. Рокот за пријавување за позицијата волонтер е 12 август. Годинава во организација на издавачката куќа „Темплум“, „Друга приказна“ ќе обедини 30-тина книжевни имиња од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора. Како што наведуваат во соопштението, трите фестивалски дена ќе бидат исполнети со разговори, промоции, уметнички изложби, книжевни читања, предавања и работилници.

„Волонтер(к)ите ќе имаат можност да се запознаат со процесот на подготовка и реализација на фестивалот, а во зависност од своите знаења и интереси ќе можат да помогнат во различни сегменти од организацијата на настаните, во комуникацијата со гостите, да учествуваат во создавањето медиумски и други текстуални содржини“, велат од книжевниот фестивал „Друга приказна“.

Фестивалот има предвидено покривање дневница за волонтерите.