Претставници од Асоцијација на независната културна сцена – ЈАДРО, од иницијативата Аудиција СЕГА! и други независни културни уметници и работници одржаа средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод предлог-кратењето на буџетот за култура како дел од Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2022 година.
Претходно, по изјавите на министерката за кратењето на буџетот за веќе одобрени проекти од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата, што според ЈАДРО беше со прецизна сума од 31% и се однесуваше на независната културна сцена, од Асоцијацијата излегоа со реакција дека таквата одлука е неприфатлива.
По ова, се огласи и министерството за култура дека е во процес на изнаоѓање решенија да не се нанесе штета на ниту еден од веќе одобрените проекти.
Во соопштението на ЈАДРО се вели дека на последната средба, министерката Костадиновска-Стојчевска се извинила за доцното информирање и контактирање во врска со ребалансот и изјавила дека направила превид во врска со последиците врз независниот културен сектор што директно би произлегле од кратењето на програмските трошоци на годишните програми.
„Таа вети дека ќе стори сè во нејзина моќ за да направи нова „прекројка“ во кратењата, така што програмските трошоци на корисниците од пошироката независна културна сцена ќе останат недопрени и најмалку оштетени од очекуваниот ребаланс на буџетот за 2022 година. Министерката објасни дека во моментов Министерството за култура се соочува со многу финансиски потешкотии, делумно предизвикани од инфлацијата, делумно од непредвидени трошоци и плаќања на претходни долгови“, стои во соопштението.
Претставниците на ЈАДРО побарале од министерката потврда за ваквите заложби, а не само, како што подвлекуваат, декларативна поддршка, посочувајќи дека корисниците од пошироката независна културна сцена исто така имаат правна одговорност пред низата други донатори, партнери и уметници, со кои години наназад го градат својот интегритет.
Оттаму, на средбата потенцирале дека независниот културен сектор нема трет избор и дека не може да си дозволи какво било кратење од веќе предвидените годишни програми, особено не среде година, кога половина или повеќе од средствата се веќе потрошени или задолжени или, како што рекле, инвестирани „од свој џеб“.
„Министерката вети дека ќе даде попрецизен одговор по гласањето на Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2022 година, по што ќе излезе со соопштение за позицијата на независниот култен сектор после кратењата, но и за временските рамки на понатамошните исплати на корисниците. Освен ова, таа апелираше сите поддржани корисници да ги почитуваат роковите и обврските што произлегуваат од договорите без барања за нивно пролонгирање. Министерката закултура истакна и дека Министерството за култура ќе се залага идната година да се зголеми буџетот на корисниците што не се од јавните културни институции , со цел поголема стратешка поддршка на независната културна сцена“, посочуваат од ЈАДРО.