„Надлежните лица од Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и Агенцијата за лекови, кои се обратија на прес конференцијата, се обидоа да ги релативизираат наодите и изјавите од документарниот филм ‘Нечиста крв’“, стои во денешната реакција од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и Македонското здружение на млади правници (МСМП) за вчерашната пресконференција на министерот за здравство Беким Сали и претставниците на останатите институции.
Во реакцијата се наведува дека надлежноста за одговори, е префрлена на други институции, а се вели и дека е упатена молба од надлежните институции до јавноста и медиумите за повеќе време за утврдување на фактичката состојба.
„Да потсетиме дека сите институции веќе беа запознаени со истражувањето на ИРЛ неколку месеци пред документарното истражување воопшто да биде објавено. Сепак, конкретни мерки не беа преземени. Дополнително, семејствата на пациентите реагирале во изминатите две години до институциите, но не добиле повратен одговор дали нешто воопшто е преземено. Поради ова граѓаните се обратија до редакцијата на ИРЛ. Дел од нив имаат поднесено и кривични пријави, како семејството Брезеви, кои повеќе од осум месеци чекаат на правна разврска, за кривичната пријава поднесена за начинот на лекување на починатиот Никола Брезев во клиничката болница ‘Жан Митрев’“, стои во реакцијата.
Според новинарската редакција и здруженијата, останува нејасно зошто ниедна институција не реагирала пред објавата на документарниот филм, особено, како што посочуваат, затоа што претходниот министер за здравство, Венко Филипче ја убедувал јавноста дека методот на хемофилтрација (филтрација на крвта) не е испитан, ниту пак медицински гарантира спас од коронавирусот.
„Центарот за јавно здравје е прва институцијата која ја прима информацијата дали во некоја од здравствените установи има интрахоспитални инфекции. Но, на прес конференцијата немаше претставник од оваа клучна установа, што укажува на недоволна транспарентност и отвара дополнителни сомнежи“, се вели во реакцијата.
Хелсиншкиот комитет, ИРЛ и МЗМП во реакцијата го повикуваат Јавното обвинителство сериозно да му пристапи на овој случај.
„Со оглед на бројните пријави на граѓани кои деновиве пристигнаа во нашите организации, апелираме Јавното обвинителство да ја извести јавноста за преземените мерки во најкус можен рок“, децидни се од таму.
Хелсиншки и МЗМП нудат бесплатна правна помош за проблеми во здравствениот систем