Пожарите во Европа веќе уништија повеќе површина од целата мината година

Шумските пожари кои во последните недели зафатија делови од Европа веќе уништија поголема површина во споредба со пожарите во целата мината година, објави Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС), јавува Радио Слободна Европа.

Низ Европската Унија, оваа година, заклучно со 16 јули пожарите уништија 517.881 хектари, нешто повеќе од 5.000 км2 или еквивалентно на површината на Тринидад и Тобаго, соопштија од ЕФФИС.

Во текот на целата 2021 година, 470.359 хектари, односно 4.700 км2 шуми беа уништени во пожарите, главно во Италија и Грција.

Во 2022 година, пожари беснеат низ Франција, Шпанија, Португалија и Грција во услови на рекорден топлотен бран, а пожари има и во Британија, каде температурите за првпат во историјата надминаа 40 степени Целзиусови.

Од ЕФИС посочија дека Европа би можела да ја заврши годината со повеќе изгорени површини од 2017 година, која е моментално најлошата година во однос на шумските пожари во која се изгубени речиси 1 милион хектари, односно 10.000 км2.

„Ситуацијата е многу полоша од очекуваното, дури и ако очекувавме температурни аномалии со нашите долгорочни прогнози“, рече Хесус Сан Мигел, координатор на ЕФФИС.

„Очекуваме уште полошо, не сме ни на половина пат од сезоната на пожари“, додаде тој.

Речиси 40.000 хектари шума во Франција се изгубени во пожари оваа година, повеќе од 30.000 хектари кои изгореа во 2021 година.

Во Шпанија, каде што загинаа повеќе од 500 луѓе за време на десетдневниот топлински бран овој месец, годинава изгореа 190.000 хектари, во споредба со 85.000 минатата година.

Со повисоките температури предизвикани од глобалното затоплување, оваа година погодени се и местата кои се помалку навикнати на шумски пожари, особено Британија. Во 2022 година изгореа нешто повеќе од 20.000 хектари, во споредба со 6.000 во цела 2021 година.