Ноќни летни клубови во Скопје не добиваат лиценци за работа. Тврдат дека ноќниот скопски живот е целосно замрен а тие се обесправени, па од Владата и министерствата бараат решенија за ваквата ситуација. Од МВР, пак, велат дека се работи за неколку угостители со објекти во Градски парк, чии барања се правно неиздржани и не исполнуваат сообраќајни услови.
Здравко Јосифовски, претседател на Независна усостителска комора, во име на летните ноќни клубови вели дека за разлика од минати години пред пандемијата, кога се’ уште Скопје имал можност да се натпреварува со останати балкански градови во квалитетот на понуда на полноќните настани и програми, ова лето познатите забави веќе не постојат.
„После долг период затворени и изолирани од дружење и забава младите повторно немаат каде да се социјализираат и забавуваат. Каде и што е тоа што се променило оваа година за да Mинистерството за економија не може да издаде лиценци, кога три децении летните ноќни клубови истата документација ја добивале? И наместо да се најдат начини и можности да го одржими барем на минимално ниво ноќниот живот во градот ова лето, скопскиот полноќен живот е во целосен мрак“, рече Јосифовски денеска на прес-конференција.
Претставникот на летните клубови тврди дека сите пари што се однесуваат за лиценци се платени во Министерство за економија. Без разлика дали се работи за ноќен клуб, бар, кабаре или дискотеки, вели тој, сумите согласно договорите се варијабилни и изнесуваат помеѓу 2.500 и 7.000, односно 8.000 евра.
„Дури за летна отворена дискотека може да изнесува и 10.000 евра, а работи само три месеци“, посочи Јосифовски.
Според него, за разлика од летните дискотеки што оперираат сезонски, зимските клубови се лоцирани во соодветни локации, па немаат проблем со добивање лиценци.
„Бараме Владата во координација со министерствата да организира заедничка средба со сите чинители и учесници во креирање на судбината на ноќниот живот во Скопје со една единствена цел и задача да се изнајде начин и можности веднаш да се овозможи и најде решение за моменталната ситуација во која се соочува главниот град. Бараме од Министерството за економија која е надлежно и одговорно за давањето на лиценци, итно да формира работна група или тело со која ќе изработиме заеднички предлози за нови законски прописи за регулација на работата на ноќни клубови и нивно усогласување со европската регулатива, со цел да го одржиме нивото на ноќен живот како што доликува на еден главен град и метропола“, побара Јосифовски.
На прашањето на Радио МОФ во однос на реакциите на граѓанските иницијативи кои се жалеа за бучавата и т.н. звучно загадување од Градскиот парк, Јосифовски вели дека ако имало гласна музика изминатите години, Градот можел да изврши релокација. Односно, немал да издава простор за формирање вакви друштва, т.е. ноќни клубови од забавен карактер.
„Во тој случај би се извршило релокација и би се дало рок од година-две-три, каде би знаеме каде ноќниот живот би го развивале. Секој еден град, централните и урбани градски подрачја – се деловни места, не се наменети за живеење. Не можеме да кажеме дека ако нешто се случува во центарот на Градот, кој е наменет да се доживува и развива културолошки, заедно со сите стари знаменитости, да бараме да укинуваме традиционални работи“, вели тој.
Од аспект, пак, на имотните листови, Јосифовски тврди не е точно дека имотен лист не е проследен во сите документации до Министерството за екомомија. Туку, вели тој, проблемот е дека институција што се вика Министерство за внатрешни работи, бара имотен лист што го издава Градот Скопје.
„Друштвата закупуваат деловен простор од Градот Скопје. Тој има за обврска да ги впише сите работи што ги издава. Друштвата не се сопственици на имотни листови, бидејќи користат времени објекти од ограничен карактер согласно договорите. Што значи, друштвата на ниту еден начин не може да располагаат со сопствени имотни листови за услови и парцели кои се на државата или Градот Скопје, кај што ја вршат дејноста, посебно на отворено“, рече претставникот на ноќните дискотеки.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Радио МОФ ги негираат наводите кои, велат тие, доаѓаат од неколку угостители кои имаат објекти во Градскиот парк, а проблемот за немање лиценци го лоцираат во МВР.
„Министерството за внатрешни работи, согласно надлежностите има задача да се грижи за редот, безбедноста и владеењето на законите. Оттаму, токму законите имаат пропишани услови кои мора да бидат исполнети, па согласно член 6 од Законот за угостителска дејност е дефинирано дека ‘Угостителска дејност во угостителски објекти ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор може да се врши доколку угостителот обезбеди и согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на внатрешни работи дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот’“, велат од МВР.
За да се обезбеди таа согласност, посочуваат од МВР, треба повторно да бидат испочитувани законските одредби кои ја регулираат оваа материја. Па согласно член 348 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, режимот на сообраќај на локалните патишта и улици, врз основа на изготвен Сообраќаен проект, со решение го утврдува Општината односно Градот Скопје, во согласност со министерот за внатрешни работи.
„Притоа, под режим на сообраќај од ставот 1 на наведениот член од Законот, покрај другото се подразбира и: Определување на простори за паркирање и запирање на возила, и сл“, посочува МВР.
Според министерството, согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, за големи угостителски објекти потребно е да се обезбеди едно (1) паркинг место на 20м/2 бруто површина на објектот.
„Според приложениот Основен сообраќаен проект, истото не може да се утврди бидејќи она што недостасува е имотен лист за објектот. Имено, во договорите за закуп склучени помеѓу правните лица кои бараат лиценца за работа и забавен парк ‘Луна’, правно лице кое во овој случај со одлука на Град Скопје ги издава под закуп површините во Градски парк, наведени се одредени површини кои не фигурираат во имотен лист, односно правните лица имаат доставено имотни листови само од земјиштето кое со одлука на Влада е сопственост на Град Скопје, но немаат доставено имотен лист за објектите“, велат од МВР.
Односно, за да се определи просторот за запирање и паркирање, најпрво е потребен имотен лист во кој е впишана парцелата сопственост на Трговско друштво Забавен парк „Луна“ ДООЕЛ Скопје кое ја дава површината под закуп на правните лица.
„Во контекст на ова говори и податокот дека доставените договори за закуп не се заверени на нотар, односно нотарот се иззема и не ја потврдува точноста на договорите. Оттука, барањата на овие неколку угостители се правно неважечки и неиздржани, што од страна на Министерството за внатрешни работи веќе им беше укажано на заедничка средба која се одржа на 05.07.2022 година во просториите на Полициската станица Гази Баба“, посочуваат од МВР.
Радио МОФ денеска на прес-конференција го праша и министерот за економија, Крешник Бектеши во врска со лиценците, а тој потврди дека е информиран за случајот.
„Во моментот кога ќе добиеме позитивно мислење од страна на Министерството за внатрешни работи, согласно процедурата на издавање на лиценци, веднаш истиот ден сите тие угостителски објекти кои ги исполнуваат условите секако дека ќе ги добијат тие лиценци. Додека немаме мислење од страна на Министерстото за внатрешни работи, кое е предвидено и со закон, ние немаме законско право да ги издаваме тие лиценци“, изјави Бектеши.
Бојан Шашевски