Кратките играни филмови „Проблемот на Тинa” на Радован Петровиќ и „Северен пол” на Марија Апчевска-Петровска ќе учествуваат во официјалната селекција на „HollyShorts Film Festival“ што се одржува во Холивуд, САД, соопштија денеска од продукцијата „Кино Око“.
„Филмовите ќе се прикажуваат во светски познатиот ‘TCL Chinese Theatre’ на ‘Hollywood Blvd’, во периодот од 11 до 20 август. ‘HollyShorts Film Festival’ е ‘Academy Awards Qualifying Festival’ и секоја година избира три филма кои се квалификуваат за наградата ‘Oscar’. И оваа година во официјалната селекција има филмови во кои играат актери кои се номинирани или се добитници на наградите ‘Oscar’, ‘Golden Globe’, ‘Grаmmy’, ‘Emmy’, како Џејмс Франко, Брајан Кокс, Росарио Давсон, Виз Калифа, Колман Доминго и други“, посочуваат од „Кино Око“.
Оттаму додаваат дека по освојувањето на наградата „Golden Umbrella“ за најдобар интернационален филм на фестивалот во Измир, „Проблемот на Тинa” на „HollyShorts“ ќе ја има својата американска премиера.
„Северен пол” пак, после премиерата во официјалната селекција на фестивалот во Кан учествуваше на повеќе од 80 интернационални фестивали и освои неколку награди, посочуваат од „Кино Око“.
Продуцент на двата филма е Роберт Насков, а филмовите се во продукција на „Кино Око“ и „Партизанс“.