САД ќе сади над милијарда дрвја за да ги надомести уништените шуми

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден вчера соопшти дека владата ќе посади повеќе од една милијарда дрвја на површина каде пожари уништија шуми на западот на САД.

Овој потег доаѓа откако властите се борат да го ограничат огромното губење шуми од пожарите, инсектите и другите последици на климатските промени.

Деструктивните пожари последниве години го надминаа природниот процес на обнова на дрвјата, како и капацитетот на властите да посадат нови на нивно место. Оваа ситуација создала површина од преку 1,7 милиони хектари која треба да биде пошумена, соопштија од американската администрација, пренесе АП.

„Нашите шуми, руралните заедници, земјоделието и економијата се меѓусебно поврзани низ заедничка површина и сега нивниот опстанок е доведен во прашање. Само преку смела, климатска акција можеме да ја обезбедиме нивната иднина“, вели државниот секретар за земјоделство, Том Вилсак, најавувајќи го планот за пошумување.

Од Секторот за шуми на САД планираат во следните неколку години значително да го зголемат нивото на површина на која треба да се посадат дрвја – од 24.000 хектари, на 162.000. Најголем дел од овие акции треба да бидат во земјите од Западот на САД, каде шумските пожари прават штета секоја година.

Најголем дел од шумите растат природно по пожарите, но доколку огнот е многу интензивен, тој зад себе може да остави оштетени предели за кои е потребно децении за дрвјата повторно да израснат.

Најголем дел од сеопфатниот план на претседателот Бајден за справување со климатските промени и понатаму е закочен поради недоволна поддршка во Конгресот, каде демократите имаат минимално мнозинство. Ова предизвика властите да бараат поинакви начини за да го надминат проблемот, како оваа вчерашна најава за садење дрвја. Американската администрација размислува и за прогласување климатска итна состојба, што би им овозможил поголем простор за дејствување на извршната власт.