При својата прва јавна посета на Канада, папата Францис побара прошка од преживеаните домородци кои биле дел од интернатските училишта предводени од Католичката црква за злото што им било нанесено во 20 век.
„Длабоко жалам“, рече папата на теренот на некогашното резиденцијално училиште во Масквацис во близина на Едмонтон, пренесува „Би-Би-Си“.
Папата посочил дека извинувањето е првиот чекор, бидејќи, како што рекол ќе следи сериозна истрага за сторените злодела со цел да се поттикне процесот на заздравување.
Интернатските училишта водени од Католичката црква биле наменети за асимилација, односно уништување на културата и јазикот на домородното население во Канада.
Извинувањето на папата беше прифатено од страна на присутното домородно население и поздравено со аплауз.
Папата Францис во говорот искажал „тага, огорченост и срам“ за постапките на многу членови на Римокатоличката црква кои управувале со голем дел од резиденцијалните училишта во Канада. Тој го нарекол таквиот систем „погубна грешка“.