[Интервју] Филип Стојановски: Македонија разви „култура“ на говор на омраза

[Интервју] Филип Стојановски: Говорот на омраза е поттикнувач на насилствоРазвојот на „култура“ на говор на омраза во Македонија е евидентен во последните неколку години, вели Филип Стојановски од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“. Во интервју за Радио МОФ, Стојановски говори за онлајн дискриминација, нетолеранција и говорот на омраза на интернет.

Колку младите го препознаваат говорот на омраза на интернет и кои се ефектите кои ваквиот говор ги има врз нив?

Нашите досегашни искуства укажуваат дека и младите, но и постарите граѓани на Македонија, меѓу кои и голем дел од новинарите, имаат потреба од дополнителни сознанија во врска со дефинирањето на говор на омраза, како дел од борбата за човекови права. Овие теми не се дел од општата култура ниту на ниво на „теорија“, но уште поважно е што соодветните реакции на овие појави отсуствуваат од практиката. Неспроведувањето на законите, преку неказнувањето на кривичното дело поттикнување омраза, односно нетрпеливост на етничка, верска и друга основа испраќа порака дека таа тема е небитна. Инаку, наједноставна дефиниција на многу комплицираниот поим говор на омраза е дека се работи за говор кој промовира или поттикнува насилни дејствија или кривични дела сторени од омраза и кој креира клима на омраза и предрасуди, која пак, на крајот може да поттикне извршување на такви дела.

Често пати повикувајќи се на слободата на говор, многу јавни личности  го користат говорот на омраза на интернет за да се конфронтираат со политичките неистомисленици, па секојдневно на социјалните мрежи може да се забележат навреди, повици за линч или дискредитација упатени кон поединци па и цели групи во општеството. Какво влијание имаат овие онлајн „војни“ во јавноста и дали може да се каже дека во Македонија цути говорот на омраза на интернет?

Мора да се прави разлика меѓу навредлив говор, лична дискредитација и говор на омраза. Без разлика што и првите две работи се поврзани со поттикнување омраза, говорот на омраза или како што покојниот Роберто Беличанец го нарекуваше „вербално насилство“ е во целосна спротивност со концептот на слобода на говор. Со говорот на омраза се пропагира заменување на комуникација со физичка пресметка или отстранување на соговорникот. Затоа што е поттикнувач на насилство, говорот на омраза е забранет во најдемократските општества, а е опфатен и со Кривичниот законик. Развојот на „култура“ на говор на омраза во РМ е евидентен во последните неколку години, при што важен документ е „Црната книга“ од 2009 година и која покажа дека тој феномен настанува со поттикнување „одгоре“, од оние кои ја имаат моќта во општеството. Во спречувањето насилство  во општеството, како и со него поврзаниот говор на омраза, огромна улога имаат медиумите. Во случај кога тие се придржуваат до новинарската етика и стандарди, олицетворени во кодексите како Кодексот на новинари на Македонија или пак оние на меѓународните новинарски организации, новинарите ја задржуваат улогата на бранители на слободата и интересите на граѓаните. Тоа се однесува и на традиционалните и на новите медиуми. Бидејќи со развојот на дигиталните технологии и граѓаните делумно извршуваат некои од функциите на медиумите, особено преку социјалните мрежи, секој граѓанин мора да стане свесен дека презема и одговорност на исто ниво. Затоа за сите е од исклучителна важност да го зголемат своето знаење не само во техничка смисла, туку и во насока на граѓанско образование за основите на модерната демократија и улогата на медиумите, но и индивидуата во неа, како носител на суверенитетот. Интернетот ни дава поголем потенцијал да влијаеме на сопствените и животите на луѓето од нашите заедници. Станувајќи медиуми, мора да бидеме свесни дека ширењето информации повлекува и одредени етички принципи, кои го имаат поминато тестот на времето уште пред стотици години.  Затоа Метаморфозис, со поддршка на УСАИД, го покрена и проектот Сервис за проверка на факти од медиумите, чија цел е преку практична примена од страна на искусни новинари и други стручњаци да ги приближат новинарските стандарди до пошироката популација. Првичните резултати се охрабрувачки токму на социјалните мрежи, каде граѓаните ги користат материјалите од проектот за јавна дискусија и едукација.

Како младите да се справат со онлајн дискриминација, нетолеранција и повиците за насилство на интернет?

Младите гледаат што успева во нивното секојдневие, учат и доколку немаат развиено механизми за самоодбрана на нивниот човечки интегритет – ги репродуцираат антисоцијалните постапки. Во отсуство на примери на спротиставување и без развиени капацитети за критичко размислување, многу млади мислат дека „така треба“. Основата е во знаењето од оваа област, кое трагично отсуствува од образовниот систем и мејнстрим медиумите. Суштински дел од одбранбениот механизам против омразата и пошироко, дискриминацијата, е нешто што се стекнува со основното домашно воспитание – грст основни морални вредности кои ги разликуваат луѓето од ѕверовите. Должност на секој млад човек, како дел од процесот на созревање, е да прифати вредности кои ќе го водат низ животот. За тоа нема потреба од детално познавање на правните рамки, туку само сознание дека секој од нас, во било кој момент е суштество чии постапки се резултат на сопствените избори. Понекогаш не може да ги контролираме последиците, но во секој момент знаеме дали постапката придонесува или се коси со човечкото достоинство.

Во време кога скоро сите млади имаат свои профили на социјалните мрежи, колку е заштитена нивната приватност и кои се некои од најчестите проблеми со кои се соочуваат во делот на заштитата на нивните податоци?

Во општ случај, приватноста на корисниците на социјалните мрежи е заштитена во онаа мерка која тие самите ја дозволиле. Секој од нас мора да биде свесен дека со станувањето член на некој социјален медиум, ние на компанијата која го поседува ’и даваме право да постапува како сака со нашите податоци. Тоа е и во согласност со Законот за заштита на личните податоци – ако нивниот сопственик, граѓанинот, некому му дозволи да ги користи (и споделува), потоа нема законска основа да се жали што биле искористени. Секако тука исклучок се случаите на компјутерски криминал кога преку пробивање лозинки се доаѓа до податоци кои не биле наменети за јавноста. Најчестите проблеми потекнуваат од незнаење, така што стекнувањето знаење, усвојување на потребата да се учи и надградува во текот на целиот живот, особено за новите технологии баш затоа што се нови, е основната форма на заштита. Во случаи на злоупотреби, нашите досегашни истражувања укажуваат дека граѓаните на РМ и не знаат на кои институции треба да се обратат. На пример, ако некој неовластено искористи туѓ личен податок (на пр. фотографија) тогаш надлежен орган е Дирекцијата за заштита на лични податоци, додека во случај на упади во компјутерски системи, закани или педофилија жртвите треба да се обратат до МВР.

К.О.