С. Македонија Албанија и Грција договорија да развиваат заеднички алтернативен и одржлив туризам во Преспа, да работат на заштита на водите, на биодиверзитетот и едукација на земјоделците за ориентирање кон еколошко производство, со цел зачувување на Преспанското езеро. Трите земји седнаа на маса, прв пат по 12 години, откако нивните министри за животна средина во 2010 година со Европската Унија го потпишаа Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на Паркот Преспа.
На средбата, која се одржа минатиот месец во Грција, Комитетот за прекугранично управување со Преспа Парк и Работната група за управување со водите, договорија да воспостават единствена методологија за испитување на квалитетот на водите за да може да се најдат најсоодветни решенија за заштита на Преспанското езеро и живиот свет поврзан со него, кој е еден од најбогатите во светот.
„Ова е долгоочекуваниот момент во кој започнуваме со конкретна работа во Преспа парк“, вели Робертина Брајаноска од Македонското еколошко друштво.
МЕД е дел од Преспа нет мрежата на граѓански организации од регионот, кои години наназад работат на спас на екоситемот што е препознаен и важен на светско ниво. Брајаноска вели дека тие не сакале да губат време и да чекаат државите да седнат заедно, за да започнат со конкретни активности за спас на езерото.
„Ние постојано сме во Преспа и ќе останеме и понатаму. Пресреќни сме што овој чекор конечно се случи и што земјите се свесни дека нешто итно мора да се преземе. Моите очекувања се позитивни, дека државите ќе почнат со работа, но не секоја за себе, туку заеднички, бидејќи само со едностран ангажман нема да ја спасиме Преспа“, вели Брајаноска.
Посочува дека сите држави ќе работат на договарање на приоритети и планови, но ќе мора да ја потврдат сериозноста и посветеноста за решавање на проблемите на Преспанското Езеро и со континуирано обезбедување средства од буџетите или од меѓународни инструменти за финансирање на конкретни активностите за спас на езерото.
„Сите се свесни дека имаме проблем што мораме да го решиме, а целта е да се спаси езерото. Знаеме дека климатските промени имаат влијание, но постојат и други причини за состојбата во која е сега, како што е несоодветното искористување на езерските води за земјоделски активности“, посочува Брајаноска.
Од Министерството за животна средина велат дека средбата е почеток на официјалната соработка меѓу државите што го делат Преспанскиот басен и Европската Унија, на која присуствувале претставници од Европската комисија, на Албанија, Грција и Северна Македонија, локалните власти, невладините организации и телата за управување со заштитените подрачја кои се наоѓаат во Паркот Преспа, како и меѓународните набљудувачи по стапувањето во сила на Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на Паркот Преспа.
„Иако првичниот состанок на Работната група за управување со водите беше со конститутивен карактер без навлегување длабински во сите клучни теми за заштитата на Преспа и одржливиот развој на регионот, сепак на него се дискутираше и за еколошката состојба на Преспанското Езеро и се направи предлог-список на приоритетни активности за надминување на состојбата меѓу кои заеднички мониторинг и анализа на намалувањето на нивото на водата во Преспанското Езеро“, велат од Министерството.
Брајаноска вели дека на средбата биле утврдени приоритетите за следните година-две, а еден од најитните е редовната комуникација и споделување на информациите за управувањето со водените ресурси. Трите земји ќе го усогласат начинот на вршење мониторинг на водите за податоците да бидат споредливи и употребливи за да може да се утврди кој е главниот проблем со губењето на водата. Освен за нивото на езерото, трите држави ќе треба да разменат информации и за хемиските и бактериолошките податоци за водата испитани со исти методи кои ќе ги разменуваат на заедничка платформа. Прекуграничната мониторинг соработка за водите меѓу институциите и на локално ниво треба да доведе до решенија за ревитализација на езерото и алтернативни начини на користење на водата.
Сите три земји се согласиле дека во Преспа Парк не смее да има масовен туризам и дека за заштита на езерото неопходен е развој на одржлив туризам. Со него треба да се воспостави баланс во економскиот развој на регионот и заштитата на биодиверзитетот. Мора да се ревидира и Стратешкиот акционен план за Преспа Парк кој е направен во 2004 година и е застарен, а е еден од приоритетите бидејќи треба да биде основа за сите активности.
Од Министерството за животна средина очекуваат заедничките одлуки што ќе произлезат од овие и идни средби да имаат клучен придонес во заштитата на исклучителните природни вредности и биодиверзитетот на Преспа и за одржливиот развој на областа, сега и во иднина. Следниот состанок треба да биде на крајот на годината, а дотогаш ќе треба да има и конкретен и видлив напредок, особено околу ревидирањето на Стратешкиот акционен план како и информација која од државите колкави средства ќе одвои за реализација на активностите.
Извор: Мета.мк