Пред точно три години беше најавена како нешто што ќе им го промени животот на младите од С. Македонија. Европската младинска картичка беше замислена како легитимација која ќе овозможи разни попусти, привилегии и поголема мобилност. Но, денеска за оваа картичка веќе никој не зборува. Мал дел од младите знаат дека воопшто постои ваква картичка, a власта речиси воопшто не работи на нејзина промоција и атрактивност.
„Денеска можеме слободно да кажеме дека нашите млади луѓе од Северна Македонија ги доближуваме чекор поблиску до европскиот начин и стандард на живот на младите луѓе од Европа. Преку оваа картичка младите ќе можат да ползуваат многу бенефиции што таа ги овозможува“, со овие зборови поранешниот премиер Зоран Заев во јуни 2019 година ја промовираше Европската младинска картичка.
Станува збор за бесплатна картичка наменета за сите млади лица од земјава на возраст од 15 до 29 години. На самиот почеток требаше да нуди попусти, поволности, а потоа да прерасне во една картичка која ќе ги замени сите други картички кои ги поседуваат младите. Да служи како CV на која ќе се запишуваат вештините и образованието на младите, како и да ги замени платежните и картичките за превоз кои ги користат во секојдневниот живот.
Но, овие најави и ветувања останаа само на хартија.
За попусти тркнете до Скопје
Младинската картичка првично како идеја се појавува во Владината програма 2017-2020 година, кога се споменува дека ќе биде воведена „студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер“. Речиси ништо од ова не беше реализирано со Европската младинска картичка.
Во моментов картичката служи само за попусти, а од Агенцијата за млади и спорт, кои го спроведуваат овој проект велат дека на младите им се достапни преку 400 попусти. Сепак, ако се разгледа каде и какви попусти се нудат и тие придобивки се прилично лимитирани. Младите од голем број општини кои ја имаат оваа картичка мораат да патуваат до Скопје за да остварат некакви поволности, бидејќи најголемиот дел од овие 400 попусти се концентрирани во главниот град.
За поголем дел од општините, меѓу кои и Велес, Струмица или Гостивар младите немаат никакво фајде од оваа картичка во нивните градови. Дополнително, за уште неколку други поголеми општини, на една рака може да се избројат компаниите кои нудат некаков попуст.
Проблематични се и видот на компаниите кои нудат некакви поволности за младите, а со кои Агенцијата за млади и спорт потпишале одредени меморандуми за соработка на овој проект. Кога пребарувате по дејности може да видите дека попустите претежно се овозможени од угостителски објекти, бутици и хотели, додека фигурираат само една библиотека, по три факултети и книжари и пет културни институции, сите од нив во Скопје.
Попустите се движат од 4 па до 30 проценти, но најчестите попусти се движат околу 10%. Сепак, тоа не значи дека овие попусти навистина функционираат и во реалност. На анкетата која Радио МОФ деновиве ја спроведе на својот Инстаграм профил добивме повеќе коментари од наши следбеници кои сведочат дека не успеале да го добијат попустот кој им следува како корисници на картичката.
„Никаде не ја прифаќаат, џабе ја имам“,
„Имам неколку пати пробано да ја искористам во Македонија, ама на места каде што треба да работи, не работи“,
„Еднаш ја искористив во ‘Тренд’ кафе, ми дадоа попуст, но потоа повторно пробав, рекоа не може“,
„Не ја прифаќаа скоро никаде, а ако ја прифатеа ќе беше после 20 минути објаснување“, беа дел од коментарите кои ги добивме од нашите следбеници на Инстаграм.
Од Агенцијата за млади и спорт (АМС) нè информираа дека бројот на попусти и бенефиции е ист поради Ковид-19 пандемијата и во моментот работат на таргетирање нови субјекти, нови можности и шанси за бенефиции за младите луѓе и додаваат дека очекуваат тој број да расте во наредниот период.
Малку млади со младинска картичка
Од АМС велат дека досега во земјава има издадено околу 6.500 вакви картички. Според Пописот од 2021 година во С. Македонија живеат нешто над 326.000 лица на возраст од 15 до 29 години кои според возраста се квалификуваат за добивање на ваква картичка. Ова значи дека младинска картичка досега добиле само околу 2% од младите.
Ова веројатно е и поради фактот што промоција на оваа картичка последниве две години речиси нема. На официјалните страници на Фејсбук и Инстаграм има само 10-тина објави, а последна информација за оваа картичка е од јануари 2020 година.
На нашата Инстаграм анкета, на која одговорија 400 корисници на оваа социјална мрежа, дури 75% велат дека не знаат дека постои ваква младинска картичка, а скоро 90% од оние кои одговорија на анкетата велат дека немаат ваква картичка.
На прашањето колку ја користат младинската картичка, 93% одговориле дека никогаш не ја искористиле, 6% дека ја користат ретко, а само 1%, односно двајца наши следбеници, велат дека оваа картичка ја користат често.
„Чим толку луѓе не знаат дека воопшто постои, а и не се зборува за неа на факултетите, тогаш е ‘fail’“,
„Јас имам младинска картичка веќе неколку години, но никогаш не сум ја искористила бидејќи не знам за што можам да ја искористам“,
„Одличен проект, малку познат очигледно и слабо рекламиран и претставен на младите“,
„Супер е идејата, уште да е функционална. Во нашата општина никој ја нема“,
„Добар концепт, треба подобро да се информира јавноста“, се дел од пораките кои стигнаа до Радио МОФ преку анкетата.
За слабата промоција, од АМС вината ја лоцираат на немањето доволно ресурси.
„Недостатокот на промоција е заради немањето соодветни човечки ресурси во Агенција за млади и спорт кои директно ќе работат само на овој процес и тоа е нешто на што работиме во наредниот период и изнаоѓаме ново решение со кои ќе ги надминеме сите проблеми во насока на подобри услуги и бенефиции од Европската младинска картичка“, ни изјавија од Агенцијата.
Покрај слабата промоција, самиот сајт на кој младите можат да аплицираат за ваква картичка се соочува со проблеми. На дел од уредите преку кои се приклучивме на сајтот mladinskakarticka.mk добивме известување дека сајтот нема важечки безбедносен сертификат. Формата за аплицирање бара од заинтересираните да остават свое име и презиме, датум на раѓање, адреса, телефон и своја фотографија, но пребарувачот советува на него да не се оставаат никакви чувствителни податоци.
Од АМС ни одговорија дека работат според Законот за заштита на личните податоци и дека податоците на корисниците се заштитени и не се злоупотребуваат. Оттаму дополнуваат дека моментално работат на обезбедување на сертификат за безбедност, за да не се појавува информација дека сајтот е небезбеден.
Граѓани кои одговорија на нашата Инстаграм анкета се пожалија и дека имале проблеми воопшто да ја добијат картичката.
„Аплицирав пред неколку месеци и никогаш не ми стигна“
„Кога слушнав за оваа картичка веднаш аплицирав и до ден денес немам добиено никакви повратни информации ми нема стигнато на мејл, порака, пошта“
„Чекаат тендер моментално за да ги изработат, претходниот тендер им пропадна. Имам аплицирано на 11 јуни, уште нема стигнато нит ќе стигне“, се дел од пораките кои ги добивме преку Инстаграм.
Попусти низ Европа
Македонската Европска младинска картичка е дел од поширокото европско семејство на „Европската младинска картичка“ (EYC), која нуди поволности и бенефиции во 36 држави на вкупно 6 милиони носители на оваа картичка низ континентот. Картичката има различни имиња и различни можности во секоја држава, но заедничко им е тоа што сите го имаат логото EYC, кое треба да гарантира дека носителите ќе можат да ги добијат поволностите кои се нудат.
Со оваа картичка предвидени се голем број попусти или бесплатен влез во некои од најпознатите европски музеи, галерии, знаменитости, театри, библиотеки и кина. Се нудат и поволности за посета на фестивали, клубови, ресторани, барови, купување во продавници или трговски центри, како и превоз и сместување во градовите низ Европа.
Сепак, она што го нудат картичките се разликува од држава до држава. Од земјите во регионот, во Србија има четири различни видови младински картички – класична, студентска, средношколска и банкарска картичка. Картичката дополнително нуди и осигурување од незгоди за корисникот, како и попуст при патничко осигурување. Повеќе верзии на картичката има и во Бугарија, каде на располагање на младите им се три различни варијанти, од кои една има функција и на дебитна платежна картичка. Во Хрватска младинската картичка се издава на лица на возраст од 14 до 30 години. Во Црна Гора секој корисник на картичката има бесплатно осигурување од незгоди, како и можност да пристапи до посебен веб-сајт каде може да разгледува различни можности за вработување. Во Грција картичката овозможува попусти за железнички превоз.
Дека попустите важат и за носителите на Европската младинска картичка од С. Македонија ни потврдија и од EYC, кои додаваат дека на овој начин целта е да се подобри мобилноста за младите низ Европа и да им се понудат нови искуства.
Сепак, како генерален совет, при користење на картичката во странство добро е најпрвин да се обратите до институциите кои ги издаваат картичките во секоја од земјите, за подетални информации дали постојат некакви ограничувања за да остварите некои специфични попусти и поволности. Институциите кои ги издаваат картичките во секоја држава се наведени на сајтот на EYC.
Најголем дел од овие младински картички низ континентот веќе се издаваат во дигитална форма и младите можат оваа картичка да ја користат преку нивните мобилни телефони.
Иако и кај нас беа најавени многу дополнителни услуги кои ќе ги нуди оваа картичка, како идејата таа да се претвори во платежна картичка, или пак да биде еден вид CV, кое секој млад човек ќе може да го носи во својот џеб, таква можност засега не постои.
„Моментално се работи на усогласување со законските регулативи, преговори со европските партнери и со домашните носители на одлуки, приватните стопанственици и со други засегнати страни. Ова бара сериозна координација и навлегува во повеќе домени. Кога ќе ги имаме првичните информации од овие процеси, тие ќе бидат споделени со јавноста“, велат од Агенцијата за млади и спорт.
Најави за дигитализација и нови услуги
Сега Европската младинска картичка е дел од Програмата на Владата за периодот 2022-2024 година и во неа стои дека „ќе се дигитализира и ќе се зголеми опфатот на услуги и бенефиции за младите луѓе кои ги нуди Европската младинска картичка во директна соработка со државните институции и јавните установи“.
Од АМС велат дека изминативе три години постоеле предизвици, и дека работеле на унапредување на можностите кои ги нуди Европската младинска картичка.
„Ги следиме препораките на Европската асоцијација за младинска картичка, примерите од другите држави, учиме од грешките, но остануваме со иста цел а тоа е – Европската младинска картичка да биде реалност за младите и Европската младинска картичка станува нова реалност за младите од Северна Македонија и да ползуваат уште многу бенефиции и можности што токму таа ги овозможува“, велат од Агенцијата.
За идниот период најавуваат дека ќе работат на тоа што повеќе млади да ја имаат оваа картичка.
„Една од новините што сакаме да ја имплементираме е укинување на пластичните картички и целосно ребрендирање во рамки на дигитална апликација која ќе биде достапна преку платформата на Европската асоцијација за младинска картичка и ќе може да ја користат младите од Република Северна Македонија. Очекуваме до крајот на годината ова да стане реалност и да се вклучат дополнителни субјекти кои ќе ја унапредат Европската младинска картичка и таа ќе стигне до што поголем број на млади луѓе. Нашиот таргет до крајот на мандатот е да имаме 20.000 млади корисници на оваа картичка, да биде алатка за информирање на младите и да се нудат квалитетни опции за бенефиции и сервиси за млади“, велат од Агенцијата за млади и спорт.
Последната јавна информација за картичката е од пред една година, кога Владата го усвои проектот „Дигитализирање на Европската младинска картичка“. Овој проект треба да им обезбеди на корисниците на оваа картичка да ги користат услугите преку своите мобилни уреди, да се олесни дигиталното аплицирање за добивање на Европската младинска картичка, како и да се обезбеди едноставен пристап до сите информации каде и кои услуги можат да се добијат со оваа картичка.
Даниел Евросимоски