Планетата Земја од денеска живее „на кредит“, два дена порано од минатата година

Човештвото денеска ги потроши сите природни ресурси кои Земјата може да ги произведе за една година и со тоа влезе во „еколошки долг“, два дена порано од лани.

Денот на надминување на ресурсите на Земјата од почетокот на 70-тите се случуваше порано, со исклучок на 2020 година, кога беше на 22 август поради помалото исцрпување на ресурсите поради пандемијата.

Светската организација „Глобал футпринт нетворк“ која секоја година го пресметува датумот, соопшти дека за обнова на се што му е потребно на човештвото од природата потребен е биокапацитет од 1.75 планети земји.

Три милијарди луѓе живеат во земји кои произведуваат помалку храна отколку што консумираат и заработуваат помалку од светскиот просек, се вели во извештајот. Исто така, 72 отсто од светската популација живее во земји со дефицит на биокапацитет и помали приходи од светскиот просек.

Во соопштението се нагласува дека 60 отсто од еколошкиот отпечаток на планетата се состои од емисии на јаглерод диоксид и дека тие мора да се сведат на нула до 2050 година за да се избегнат брзите климатски промени.