Од утре, па се до 6 октомври во Куршумли ан ќе се одржи третото издание на Неделата на дизајн во Скопје (Skopje Design Week). Планирани се над 200 учесници од десетина земји, 12 креативни работилници, 36 комерцијални изложби, но и концерти на регионални бендови во вечерните термини.
Во КУршумли ан ќе има работилници за креативни претпријатија, за експериментален дизајн на продукти, дизајн на звук, за музички театар, дизајн во комуникацијата, работилница за поетичен дизајн, детски работилници за рециклирање и игра, работилница за гастрономија на која ќе се создаваат и претставуваат специјалитети. Меѓу изложбите ќе биде и таа за презентација на прототипови на современ македонски мебел изработени од 13 млади дизајнери.
Ќе се претстават дизајнери од Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Шведска, Норвешка, Велика Британија и Швајцарија, која е земја во фокусот на годинашната скопска недела на дизајнот.
„Скопската недела на дизајнот е за нас особено значајна манифестација поради нејзината обединувачка димензија на сите чинители во секторот дизајн. Преку богатата програма и бројните работилници кои ги раководат етаблирани предавачи и ментори, младите македонски креативци секоја година добиваат извонредна можност да создаваат производи кои понатаму се претставуваат и на изложбите кои се дел од манифестацијата. Во оваа смисла Неделата на дизајнот е скапоцена инвестиција во создавањето автентичен македонски дизајнерски производ, конкурентен на светските пазари,“ министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Според директорот на „Skopje Design Week“ Александар Велиновски рече дека настанот има три главни цели – да се подигне креативноста во Македонија со вклученост на повеќе лица и компании, да се развие производството и новите пазарни вредности и Македонија да се афирмира како нова дестинација за дизајн.
„Оваа година ја посветуваме на креирање на национална дизајн сцена и продукција насочена кон конкретен пазарен производ и освојување на нови пазари, затоа што тоа нам ни недостига, и ние како “одговорни” сметаме дека треба да интервенираме. Тоа и го направивме во изминатите месеци низ низа на работилници и слични ангажмани, а сега останува на публиката сама да даде суд за квалитетот на новонастанатата дизајн сцена во Македонија“, изјави Александар Велиновски, директор на Skopje Design Week.
Манифестацијата ќе биде отворена утревечер со бендот од Словенија – КАР ЧЕШ БЕНД , а од 2 октомври до затворањето в недела ќе има содржини преку цел ден почнувајќи од 10 часот со слободен влез за посетителите.