Поранешниот шеф на Агенцијата за заштита на надворешната граница на Европската Унија – ФРОНТЕКС, бил свесен за нелегалните депортации на мигранти од Грција, па дури и финансирале дел од овие одвраќања, покажува протечен извештај кој го објави германскиот весник Шпигел.
Според протечениот доверлив извештај на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), ФРОНТЕКС знаеле за ваквите нелегални, а често и брутални, одвраќања на барателите на азил во Турција.
„Наместо да ги спречи ваквите одвраќања, поранешниот шеф Фабрис Легери и неговите вработени ги заташкувале. Тие лажеле пред Европскиот Парламент и го криеле фактот дека агенцијата поддржувала дел од присилните одвраќања со европски даночни пари“, пишува во сторијата на Шпигл, пренесе Еуроњуз.
Истрагата водела до оставка на Легери на крајот на април, откако европратениците одбија да го изгласаат буџетот на ФРОНТЕКС, барајќи да го видат извештајот на Олаф.
Во извештајот се наведени многу детали. На пример на 5 август 2020 година, грчката крајбрежна полиција насочила чамец со 30 мигранти кон Турција, додека авион на ФРОНТЕКС ја снимал целата сцена. Потоа наместо од Агенцијата да се обратат до грчките власти околу ова прашање, ФРОНТЕКС престанале да летаат патролни авиони над Егејското Море, со образложение дека овие авиони им се потребни на други локации.
Истражувачите цитираат и сведоштво на вработен во ФРОНТЕКС, кој изјавил дека Легери не реагирал на овие нелегални дејства, а со колегите нашле и порака на која за повлекувањето на авионите пишувало: „тие да не бидат сведоци“.
Еуроњуз ги контактирале ОЛАФ, но од нивната канцеларија не сакале да ги коментираат протечените информации.
„Конечните извештаи на ОЛАФ се под строги правила на доверливост и вообичаено не се објавуваат јавно од ОЛАФ со цел да се заштитат легитимните права на засегнатите луѓе, да се заштити доверливоста на истрагите, како и можните идни административни процедури, како и да се заштитат личните податоци“, изјавиле од ОЛАФ.
За време на седумгодишното директорување на Легери со ФРОНТЕКС, бројот на вработени во Агенцијата драстично порасна и треба да достигне 10.000 крајбрежни и гранични безбедносни сили до 2027 година.