Системот за електронско аплицирање за сместување во студентските домови е функционален, велат за „Мета.мк“ од Министерството за образование и наука (МОН), откако повеќе студенти се пожалија дека не можат да ги поднесат своите апликации.
Студентите реагираат дека, веќе неколку денови, од отворањето на конкурсот, нивните обиди за аплицирање завршувале безуспешно, и покрај тоа што целосно ги пополниле апликациите и ги прикачиле потребните документи. Дел од нив приложија и фотографии со принтскрин од пораката „Неуспешно“, а дел добиле и известување оти „системот не е безбеден“.
Од МОН информираа дека електронскиот систем „е-услуги“ функционира без проблем и дека досега успешни апликации поднеле над 500 студенти.
„Системот за електронско аплицирање за место во студентските домови е функционален и досега има над 500 успешни пријави. Инаку, најчесто при аплицирањето се пропушта пополнувањето на одредено задолжително поле, односно не се прикачува соодветен документ, поради што системот прикажува порака за неуспешно аплицирање“, појаснуваат од МОН.
Од Министерството додаваат дека секој студент кој има потреба од каква било поддршка при аплицирањето, може да се обрати на електронската адреса studentski.smestuvanja@mon.gov.mk, каде ќе им биде одговорено од Секторот за ученички и студентски стандард и ИТ – одделението.
Несоодветното внесување на цифри – причина за неуспешните апликации
Инстаграм профилот „Студентарија“ утрово објави дека причината за неуспешните апликации на студентите, веројатно лежи во неправилното внесување на цифрите во полињата каде треба да се наведат примањата во семејствата на студентите. Од таму појаснуваат дека цифрите треба да бидат внесувани без точки и запирки.
„На пример, ако вашиот родител зема плата од 23.000 денари, цифрата внесете ја како 23000, а не 23.000. На овој начин, на многу студенти успешно им поминаа апликациите“, стои во објавата на „Студентарија“.
Во апликацијата преку „е-услуги“, пак, нема официјално појаснување за тоа како студентите треба да ги внесуваат податоците.
Инаку, при аплицирањето за место во домовите, студентите се соочуваат со уште еден проблем кој се провлекува со години. Конкурсот за сместување во студентските домови и годинава беше објавен во период кога повеќето факултети се на одмор, дел од нив и на колективен, поради што обезбедувањето на потребната документација за студентите претставува вистински предизвик.
Повеќето факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ деновиве работат со намален број службеници, но сепак ги издаваат потребните документи. Сепак, некои факултети, како Градежниот и Архитектонскиот, информираа дека се на колективен одмор до 15 август, додека крајниот рок за аплицирање во студентски дом истекува десет дена порано.
„Мета.мк“ изминативе денови неколку пати се обиде да стапи во контакт со раководството на овие два факултета за да праша како и кога студентите ќе можат да ги добијат потребните документи, но до овој момент, од Архитектонскиот факултет не добивме одговор на пораките.
Од Градежниот факултет информираа дека најголем дел од студентите веќе ги извадиле документите, поради тоа што навреме биле известени за годишниот одмор на факултетот.
„Имено, традиционално секоја година вработените имаат колективен одмор од две недели, што е неопходно за регулирање на годишните одмори на службите“, велат од Градежниот факултет.
Конкурсот за сместување во државните и приватните студентски домови беше отворен од 18 јули, а ќе трае до следниот петок, 5 август.
Извор: Мета.мк