Во четврток (4 август) во Чифте амам ќе се отвори изложбата „Трилогија: Под површината има уште една површина“ на уметникот Дриант Зенели. Изложбата почнува во 20 часот и 30 минути.
Во најавата за настанот се посочува дека изложбата е мултимедијален и интердисциплинарен проект на познатиот уметник кој се состои од три видеа – инсталации, цртежи, „ready-made“ објекти и просторни инсталации.
„Елементот што ги поврзува филмовите е минералот хром. Во едно од видео-делата со наслов ‘Не би било возможно да се напушти планетата Земја доколку не постои гравитација’, Зенели работи со идејата за утопии и дистопии од минатото, но и од сегашноста. Зборува за идеализмот и ветувањето за подобра иднина во времето на стариот комунистички систем наспроти очигледните неуспеси за достигнување на ветувањата, спротивставувајќи го на идеите, желбите и неуспесите на еден човек, Марио, современик на уметникот, кој сака да ги исполни сопствените желби и да лета во вселената. За локација е користена стара фабрика – Металуршки комплекс ‘Челикот на партијата’ во Елбасан која била изградена во 1962 година. Таа е своевидна реликвија – знак на политичко враќање по застојот со Советскиот Сојуз – на новосоздадениот сојуз меѓу Комунистичката партија на Кина и Партијата на трудот на Албанија“, се додава во најавата за настанот.
Напуштената архитектура отсекогаш била избор за сценографија во филмовите на Зенели, а истиот металуршки комплекс од претходното видео е користен и како место на дејствување во второто видео „И потоа најдов некои метеорити во мојата соба“, се вели во најавата за настанот.
Организаторите велат дека во второто видео пак, преку двата главни лика Бујар и Флора, уметникот се занимава со прашањата за достигнување на бесконечност и замислување подобра иднина, и покрај сиот песимизам на современото општество, умно играјќи на самата граница меѓу реалното и фиктивното.
„Транс-историјата, политиката, демоните од минатото, критиката, фантазијата, иднината, соништата се само дел од идеите инкорпорирани во третиот дел од трилогијата – ‘Можеби космосот не е толку извонреден’. Овде уметникот зборува за една од најважните индустриски и економски активности на неговата земја, рударството на хром, а дејството се случува во рудникот Булќизе, лоциран во централна Албанија. Овде Зенели измислува фантастичен наратив за целиот процес на оваа активност видена со помош на космичка капсула, пронајдена од група тинејџери, додека во паралелно траење има ехо од гласовите на Флора и Бујар, ликовите од претходниот филм, како последователна контрастна нарација на бесконечноста“, се посочува во најавата.
Кураторка на изложбата е Ана Франговска.