„Преку езерото“ е новиот меѓународен филмски фестивал што ќе се одржува на брегот на Дојранското Езеро. Првото издание на најавениот фестивал на медитерански и европски филм ќе се одржи годинава од 5 до 7 август.
Фестивалот, како што велат организаторите, прв од ваков тип во Македонија, годинава оформува три официјални селекции во кои ќе се прикажат повеќе од десет кратки и долгометражни филмови од автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските земји.
„Дојран филм фестивал, како фестивал на медитеранскиот филм има за идеја ‘преку езерото’ да ги собере луѓето со слободен дух, луѓето кои меѓу себе ќе ги споделат вредностите на културата, уметноста, особено за филмот како популарна уметност, филмот како уметност што зборува со свој јазик, а кој сите го разбираат“, вели Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент, како и иницијатор на фестивалот.
Бојаџи вели дека фестивалот освен што е посветен на филмот, тој е фестивал на слободата што треба да „ги премине границите преку езерото“.
Главната програма на првото издание на „Преку езерото“ е предводена од девет кратки филмови создадени од автори од медитеранот:
- „А ла карт“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис / Грција / 2022
- „Пресуда“ на Дора Јунг / Србија / 2022
- „Марко“ на Марко Шантиќ / Хрватска / 2021
- „Перики“ на Ангела Димеска / Македонија / 2022
- „Виножито“ на Александар Вујовиќ / Црна Гора / 2020
- „Криминалци“ на Серхат Караслан / Турција / 2021
- „Што не знаеме за Маријам“ на Морад Мостафа / Египет / 2021
- „Светиот син“ на Аљоша Масине / Италија / 2022
- „Поглед од балкон“ на Арис Капланидис / Грција / 2021
Во најавата се вели дека покрај главната програма, во склоп на фестивалот ќе се прикажат и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји кои се истакнале по особениот пристап на темата кој нуди нов поглед на нештата кој го поттикнува дијалогот помеѓу различните култури, општествени групи, нации.
Фестивалот ќе биде придружен и од музичка програма, а ќе се одржи и мастерклас на тема „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“ што ќе го води скрипт-консултантот од Англија, Џон Стивенс.
Во склоп на трите официјални селекции предвидени се три награди; за најдобар долгометражен филм, за најдобар краток филм и за најдобар филм според публиката. Првите две награди ќе ги доделува меѓународно жири предводено од грчкиот режисер Василис Мазоменос, продуцентот Гоце Кралевски и сценаристката Ева Камчевска.