„Аберации на младоста“ е првата збирка поезија на младата авторка Сашка Васкова што деновиве излезе од печат.
Станува збор за збирка инспирирана од љубовта, но како што вели авторката, не само партнерската туку и љубовта кон самотијата и природата зачинета со фантазија.
„Токму онака како што е опишано и на самата корица, книгата е полна стихови кои ќе ве разнежат, растреперат, но и ќе ве напојат со ладна вода, освежувачка, па тоа за мене во превод е нешто длабоко за сите љубители на поезија кои кога ќе се задлабочат во песните ќе пронајдат длабоко психолошко значење“, вели Васкова за Радио МОФ.
Во книгата има и илустрации чиј автор е мајка ѝ на Васкова, Загорка Божинова, а поетесата објаснува дека речиси секоја песна од збирката е опишана и преку цртеж.
„Аберации на младоста“ е во издание на издавачката куќа „Збор“. Книгата беше промовирана на 15 јули во кафулето „Долап“. Книгата е достапна онлајн, на овој линк, а авторката вели дека наскоро ќе биде достапна и на други продажни места.
Сашка Васкова има дипломирано Дипломатија и меѓународна политика на Американскиот универзитет во Европа – ФОН, а моментално студира и на отсекот Семејни студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Таа пишува од 16 години, а досега два нејзини текста биле објавени во списанието „Vox“.