Со почеток во 18 часот, во петок (5 август) во рамки на културното лето „Cult + Alt + Repeat“, во дворот на Младинскиот образовен форум и Радио МОФ ќе се одржи креативна работилница насловена „Јас без јас“ за цртање на стара облека.
„Сигурно секој од нас има по некое парче облека кое би сакал да го збогати, разубави со убав цртеж или само да додаде боја и по некоја линија. Овој пат токму тоа го правиме во рамки на #cultaltrepeat со Елена Билбиловска“, се посочува во најавата за настанот.
На креативната работилница, посетителите може да донесат по нешто од дома, маичка, „тоут“ торба, патики, односно работи на кои би сакале да нацртаат нешто.
Работилницата е идеја на Билбилоска која е студентка на одделот за Историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Со завршено средно уметничко, нејзината пасија кон креативното творење продолжува и понатаму. Љубовта кон театарот ја има доведено до светот на костимографијата, па така, во најголемиот дел од своите творби акцентот го става на осмислување на костими за своите имагинарни ликови, во ситуации инспирирани од реалноста“, се додава во најавата за настанот.
Облеката по завршувањето на настанот ќе биде донирана.