Холандската влада прогласи недостиг на вода, што е резултат на невообичаеното сушно лето, додека временските прогнози не предвидуваат дожд за наредните две недели.
„Гледаме дека во Холандија дека е сè посушно веќе две недели поради испарувањето и многу ниските нивоа на реките од странство“, рече Мишел Блом од државната агенција за јавни работи и вода, назначена да ја надгледува работната група за суша.
Со оглед на тоа што две третини од населението во Холандија живее под нивото на морето, сушите во земјата брзо можат да станат акутен проблем и да предизвикаат создавање тиња во реките и отежнување на речната пловидба.
Друг проблем е пресушувањето на браните, а во овој момент баржите на Долна Рајна, важна рута за транспорт на јаглен од Ротердам до германските челичарници, се транспортираат со помалку од половина од нивниот капацитет.
Холандското Министерство за инфраструктура и транспорт соопшти дека од вторникот, водата низ Рајна тече со брзина од 850 кубни метри во секунда во Лобит, источниот град каде што влегува во Холандија, што е „исклучително ниско за тој период од годината“.
Нивото на подземни води е „ниско и ‘многу ниско’ на југ“, додаваат од министерството и укажуваат дека тоа предизвикува цутање на алги и угинување на рибите, но таквата состојба сè уште не влијае на водата за пиење.