Уште четири брода со жито и сончогледово масло ги напуштија пристаништата во Украина преку безбеден поморски коридор, пренесува „Би-Би-Си“.
Пред да исплови првиот брод од пристаништето во Одеса минатата недела, милиони тони жито беа заглавени во Украина поради руските блокади што водеше кон недостиг и повисоки цени на храната во многу земји.
Последните бродови што испловија денес од пристаништата во Одеса и Чорноморск се наменети за Турција каде што ќе бидат прегледани како дел од договорот што го потпишаа Украина, Русија Турција и Обединетите нации.
По инспекциските прегледи, два од бродовите ќе останат во Турција, додека другите два се наменети за Италија и Кина, а уште еден празен брод што треба да се наполни е на пат кон Украина.
По договорот со Турција и Обединетите нации, Русија се согласи да не ги таргетира бродовите што се во транзит, додека Украина соопшти дека ќе ги води низ минирани води. Договорот е во важност од 120 дена и може да биде обновен доколку се согласат и двете страни.
Вака сложениот договор за сега добро функционира. Ова е редок дипломатски успех за време на петмесечниот конфликт меѓу Украина и Русија, а е од витално значење за Украина и за остатокот од светот.
Доколку продолжи ваквиот договор, како што јавува „Би-Би-Си“, Украина ќе може да врши извоз на три милиони тони жито на месечно ниво.
Украинските власти извозот го оценуваат како безбеден и поради тоа веднаш ги повикаа компаниите да се вратат на пристаништата. Договорот претставува голема надеж за намалување на глобалната криза со храна како и за внесување на странска валута во Украина каде истата е многу потребна во моментов.
Сепак, стравот за безбедност останува, а истото го кажа и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Првиот брод што ја напушти Украина наменет за либанското пристаниште Триполи минатата недела, беше натоварен до 27.000 тони пченка и требаше да пристигне таму во недела. Украинската амбасада во Либан за Ројтерс изјави дека пристигнувањето било одложено без повеќе детали околу точниот датум на пристигнување.
Заедничкиот координативен центар кој беше формиран за да го надгледува извозот посочи дека првиот брод ќе биде пробен со цел да се подобри понатамошниот процес на испорака.
Првиот брод со украинско жито го напушти пристаништето во Одеса