Поразителните бројки за младинската невработеност сè уште никако да се сменат. Расте процентот на невработени млади во Македонија, а мерки за промена на оваа ситуација не се преземени. Процентот на младинска невработеност сè уште е еден од највисоките во светот, каде што со нашите 52% невработена младина, го држиме второто место. Оттука се објаснува и непрекинатиот раст на бројот на невработени дипломци и магистри, кои стојат наспроти 4-5% од своите колеги, кои среќно нашле работно место за кое претходно завршиле соодветно образование.
Не можам да кажам дека проблемот целосно го гледам во пасивноста на младите и нивната незаинтересираност, значаен дел од проблемот е лоциран и во државата. Следејќи ја оваа логика, решението би ги пронашол во институционални мерки кои би создавале и развивале економски политики за справување со младинската невработеност. Како што невработеноста во матичната земја се наоѓа меѓу најчестите фактори за миграција, можеби и тука не треба да гледаме зачудено на постојано зголемуваните фигури за иселеници од Македонија – два настани, кои најчесто функционираат паралелно. Македонија како земја која го држи еден од најголемите проценти на запишување на факултет (не би навлегувал во тоа колку е ова за пофалба?), сè уште нема функционален акциски план како да се намали невработеноста, кој треба да се спроведува по стратегија за вработување. Ваква стратегија е веќе изгласана, но преку неа не се преземени никакви мерки за невработеноста, а постојат доста документи кои валидноста ја држат само на лист хартија, а не и во реална и практична смисла.
Постоечките мерки и проекти за лидерство и вработување носат само краткотраен ефект и не целат кон задржување на младите на долг рок. Создавањето на поволен амбиент во образованието и зголемувањето на претприемачките способности кај младите би создало атмосфера на подигнување на идеите и желбата на младите за креирање на сопствен бизнис. Во практичноста на овие мерки се наоѓа и место за промена во образовните практики, каде што професорите и образовниот систем би нуделe иницијатива и простор за практична работа и лично надоградување. Едномесечната пракса е одлична идеја од страна на факултетите, но во тој еден задолжителен месец поминат во фирма, студентите ретко кога стекнуваат работни вештини и професионална подготвеност. Доделувањето на грантови за отварање на мали бизниси не ги поттикнува никако младите, поради моментот на страв кој го чуствуваат, стравот на тоа дали ќе успеат или не. Тоа се должи на стекнатите вештини при студирањето и надвор од него. И тие што ги имаат, ги имаат стекнато од тоа што самите тие биле свесни за својата состојба и се потрудиле да ги доградат своите капацитети, а не дека државата ги обрвзала и им понудила а тие одбиле. Се сеќавам кога МОФ преку проектот за Младинска незавиност, имаше баш исти такви обуки, заинтересираноста беше голема, а тоа ми покажува дека младите сакаат да се надоградуваат. И после вакви заклучоци, ајде да ве видам осмелете се да инвестирате во приватен бизнис, без никакви вештини.
Смешно е исто така да кажеш дека “Младите пред сè треба да имаат желба и мотив за работа“, како што порача министерот Спиро Ристовски. За младите да имаат желба и мотив за работа, треба да им се понуди можност за работа, а не да ги обвинуваме дека се незаинтересирани и апатични. Младите учат тоа што го сакаат, истото би се однесувало и да се вработуваат за тоа што учеле. Многу е нормално да не работат нешто за што не се заинтересирани или да работат нешто за што се преквалификувани.
Во последниот период можеме да забележиме големо иселување на млади луѓе. Невработеноста ги тера младите да бараат подобра иднина, да бараат место како ќе се чуствуваат посигурно и побезбедно. Дури 16% од луѓето кои се иселиле постојано или привремено (околу 230.000 граѓани) од државата се млади, наспроти светскиот просек од 10%. Интересно е тоа што институциите мислат дека луѓето кои се иселуваат и одат на студии во странство можат да донесат развој и знаење во Македонија. Од моја гледна точка, јас да сум на местото на тие млади луѓе не би се вратил. Кога знам какви ми се условите во странство и какви се кај нас. Секогаш ќе гледам да најдам начин да останам и да најдам соодветна работа, која ќе биде соодветна со образованието кое го имам завршено.
Во моменти на толкава младинска невработеност, пензионерите се оние кои ги имаат најголемите бенефиции, што ја прави приказната уште потажна. Да не тргнам да набројувам какви се не попусти имаат студентите/младите во западноевропските земји. Жално е да знаеш во земја каде што има голем број на млади луѓе да немаат никакви бенефиции. Решението го гледам кај младите/институциите, склучувањето на соработка со разни бизниси и давање попусти на млади е еден важен сегмент во ваква ситуација како кај нас. Попустите кои би ги стекнале младите се најсоодветен механизам за во ваков голем процент на невработеност.
И да завршам тука , не ми е целта да ја обвинувам само државата има и многу други фактори кои влијаат на темата за невработеност, но сигурно младите не се за обвинување . Целта ми е да кажам мојот став на тоа како гледам на работите ,како најдобро би функционирале и како би биле најсоодветно решени во едно вакво општество како кај нас.
Антонио Даниловски