Со доделување посебно признание и две награди за најдобро сценарио, најдобра режија и најдобар филм, вчера, по проекцијата на француската комедија „Супер херои“ заврши првото издание на фестивалот на медитерански и европски филм „Преку езерото“ во Дојран.
Жири-комисијата предводена од грчкиот режисер Василис Мазоменос, сценаристката Ева Камчевска и продуцентот Гоце Кралевски одлучија да доделат посебно признание на тројца актери од хрватскиот филм „Марко“, односно на актерите Мате Гулин, Снежана Синовчиќ и Феџа Стојановиќ.
За брилијантната и модерна режија, како што соопштија организаторите, на многу тешка тема, без форсирање сентиментализам, жирито едногласно реши да ја додели наградата за најдобра режија и најдобар филм на филмот „Што всушност ние не знаеме за Миријам“ на Морад Мостафа.
Наградата за најдобро сценарио ја доби грчкиот филм „Поглед од балконот“, за како што се вели оригиналниот анимиран филм што зборува за обични луѓе од соседство во Атина, прикажувајќи ги реалистично, а не како карикатури. Сценариото е напишано од Арис Капланидис и Елиас Румелиотис.
„Преку езерото“ е прв меѓународен филмски фестивал од овој формат што годинава се одржа во Дојран. Фестивалот е потпомогнат од Општина Дојран, а е во реализација на продукцијата Синемон.