Летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга деновиве е едно од местата во земјава каде се собираат филмаџиите и љубителите на филмот и културата на шестото издание на фестивалот за кратки филмови „Дрим шорт“.
До 9 август фестивалот нуди многубројни проекции на кратки филмови во неколку категории, студентска, регионална, меѓународна и специјалната програма „Соочување со минатото“, но и неколку други настани кои се „оф-програмата“.
Јаков Поповски кој е дел од организацијата на фестивалот, за Радио МОФ вели дека на отворањето на фестивалот имало досега најголема бројка на посетители од сите изминати изданија.
„Имавме најмногу гости од филмскиот свет кои дојдоа во Струга оваа година, дел се учесници од програмата, дел дојдоа само да бидат дел од фестивалот како гости“, вели Поповски.
Покрај проекциите на кратки филмови, во склоп на фестивалот се одржуваат и други настани, а Поповски вели дека пред отворањето на „Дрим шорт“ се одржала и промоција на книга на филмската критичарка Сунчица Уневска.
„Имавме винил маркет во Струга, се случуваше на Женска плажа, беше супер настан, љубители, колекционери на винили имаа можност да разгледаат, да ја збогатат колекцијата. Се отвори и изложбата ‘Killing culture’ на Хрвоје Полан, хрватски фотограф, со тематика која ги опфаќа културните центри низ Југославија кои потоа беа злоупотребени при распадот на Југославија и војните, за воени злосторства и немили настани. Потоа следуваше дискусија за ‘сторителинг’ низ различни медиуми кои ја опфаќаат темата соочување со минатото, тоа е една и од нашите главни програми кои третира филмови кои имаат таква тематика“, додава тој.
Поповски објаснува дека на граѓаните им фалат културни настани. Тој вели дека Струга ги има „Струшките вечери на поезијата“, но дека тоа е премалку во текот на едно лето.
фото: Радио МОФ
„Па ние сакаме и тоа е и нашата намера, да ја збогатиме културната програма во градот. Повисоката цел ни беше да ја вратиме кино културата во Струга, односно да се врати редовната кино програма која за жал ја нема ни во Охрид, ни во Струга во текот на годината и мислам дека тоа е катастрофално за едно општество, да нема кино програма“, објаснува Поповски.
Во меѓувреме, тој вели дека во Струга се одржуваат кино проекции кога се објавува нов македонски филм и некои „инциденти проекции“, но не и редовна кино програма со најнови остварувања или тематски програми, поради условите.
„Во Струга има добра кино сала, но има 700 седишта и е огромна и не може да се загрее преку зима и функционира само пет месеци во годината, па и ние како независна културна сцена се трудиме да си помагаме со културниот центар и се бориме да се направи мала мултимедијална сала, која во текот на годината би можело да се користи и како кино сала, покрај другите можности“, вели Поповски.
Дополнително, тој е дециден дека нивната цел е да обезбедат плус културни вредности во градот, додека на публиката и на останатите чинители кои имаат поголема моќ е да овозможат подобри услови.
Фестивалот „Дрим шорт“ трае до 9 август, а покрај кино проекциите, најавена е и музичка програма и ќоше за „искуство во виртуелна реалност“.
Мартин Колоски