Платформата за родова еднаквост денеска реагираше по вчерашната вест за 46-годишната жена и мајка од Неготино која откако била претепана од страна на нејзиниот партнер, вчера почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Членките на платформата во заедничката реакција посочуваат дека вчерашниот фемицид ја дополнува поразителната статистика, според која, како што велат, повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции.
„Непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство. Фемицидот, како една од најчестите причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво, во најголем број случаи е предизвикан од страна на лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како и во случајот на неготинчанката, која почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепал“, стои во реакцијата.
Оттаму велат дека постои висок степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудството, што значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството. На тоа, според реакцијата, се надоврзува и ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, а притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот.
„И покрај тоа што новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, сè уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација. Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство. Сепак, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции“, децидни се од Платформата.
Освен тоа, во реакцијата е наведено дека секоја трагична смрт на жена само затоа што е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем, подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени, се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа, се додава во реакцијата.
„Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници“, апелираат граѓанските организации.